(Ф1) Ауди го откри спектакуларниот R26 концепт – спој на историја и иднина, но со едно големо „ама“!

Објавено:

По години најави, шпекулации и корпоративни преструктуирања, германскиот автомобилски џин Ауди конечно покажа нешто опипливо. На гламурозен настан во Минхен, само два месеци пред првиот официјален тест, светот го виде Audi R26 Concept, болидот (поточно, ливрејата) со кој брендот ќе влезе во Формула 1 во 2026 година.

Настанот беше промоција на бои и порака од Ауди: „Не доаѓаме, ние сме веќе тука“.

Дизајн што „гризе“: Титаниум, црвена и историја

Целта на Ауди е јасна, да го имаат „највпечатливиот болид на гридот“.

Дизајнот е храбар и симболичен. Предниот дел е во титаниум сива боја, директен омаж на легендарните „Сребрени стрели“ на Auto Union од 30-тите години (претходникот на Ауди). Задниот дел е комбинација од карбонска црна и новата, агресивна „Ауди црвена“ нијанса.

Интересно е што на болидот намерно нема спонзори (како BP или Adidas), за целиот фокус да биде ставен на четирите прстени.

Реалноста зад сјајот: Дали ќе бидат брзи?

Сепак, зад сјајот на рефлекторите во Минхен се крие суровата реалност на патеката. Тимот на Заубер (кој Ауди целосно го презема од 1 јануари) моментално е на дното во Ф1.

Аналитичарите проценуваат дека проектот доцни околу 18 месеци до две години поради првичните внатрешни превирања и одложените инвестиции. Раководството е свесно за ова. Матија Биното и Џонатан Витли, новите лидери на проектот, сега имаат ревидирана и пореална цел: Борба за титула дури во 2030 година.

Обројувањето започна

На екранот зад извршниот директор Гернот Долнер течеше одбројување до ГН на Австралија 2026. Имаат уште нешто повеќе од 100 дена додека болидот не излезе на патека.

Ауди покажа дека има историја, има пари и има стил. Сега останува најтешкиот дел, да покажат дека можат да направат брз болид.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено