Ферари во пламен: Елкан ги нападна, Леклер и Хамилтон возвратија!

Објавено:

Ако постои некој паралелен универзум во кој Кими Антонели не го истиснува Пијастри во кривината „Сена“ на патеката во „Интерлагос“, а хаосот на рестартот во Сао Паоло не се случува, тогаш Ферари сега би зборувал за солиден викенд во Бразил.

Но, реалноста е сосема поинаква. Наместо со трофеи, Скудерија неделава замина од Бразил со пепел и полемики.

Шесттиот круг на „Интерлагос“ ја избриша шансата за подиум – Леклер беше избришан од патеката, а Хамилтон само неколку секунди подоцна се судри со два болида. Наместо поени и самодоверба пред Лас Вегас, тимот повторно влезе во криза.

И тоа не поради брзината, туку поради зборовите.

Сè ескалираше кога претседателот на Ферари, Џон Елкан, изјави дека „Леклер и Хамилтон треба повеќе да се фокусираат на возењето, а помалку да зборуваат“.
Изјава што експлодираше низ Формула 1 светот.

Да, двајцата се искрени, а можеби и премногу. Леклер цела сезона зборува отворено дека SF-25 е сенка на болидот од минатата година, додека Хамилтон во неделата дури ја нарече својата прва сезона во црвено „кошмар.“ Но наместо поддршка, добија укор.

Медиумите блиски до Маранело тврдат дека Елкан сакал да испрати „порака за будење“ пред последните три трки и новите технички регулативи за 2026.
Но ефектот беше обратен и предизвика вистински земјотрес во тимот.

Само неколку часа подоцна, Леклер и Хамилтон реагираа на социјалните мрежи.

„Само единството може да нè извлече. Ќе дадеме сè до крај“, напиша Леклер.

„Ја поддржувам екипата. Се поддржувам себеси. Никогаш нема да се откажам“, возврати Хамилтон.

И додека навивачите со право го посочуваат болидот како главен виновник, Елкан го брани инженерскиот тим.

„Ако ги гледаме инженерите, болидот е подобрен. Проблемот е во останатото“.

Дали е тоа навистина така? Болид кој само во Кина беше компетитивен на пониско сетирање, кога Хамилтон освои пол-позиција и победи во спринтот, а Леклер извлече седум подиуми во сезона со лимитиран болид?

Наместо тимска кохезија, Ферари повторно потона во внатрешни игри и политика, нешто што го прогонува тимот од Маранело со децении. Премногу внатрешен притисок, премалку стабилност. И повторно, најголемите страдалници се возачите.

Дали Ферари ќе ја прекине титулната суша во 2026? Тешко.
Со ваков хаос, само-уништувањето изгледа многу поверојатно.

Извор: https://x.com/ScuderiaFerrari

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено