Дали Бундеслигата се подготвува за најголемиот трансфер во поновата историја? Според германскиот Bild, Фуксе Берлин крои план да го донесе еден од најдобрите ракометари на светот, Дика Мем!
Францускиот „бомбардер“ има договор со Барселона до 2027 година, но гласините велат дека тој веќе го „скенира“ теренот за својот следен чекор.
Тајна посета во „Füchse-Town“?
Информациите велат дека на почетокот на септември, Мем бил во Берлин и лично го разгледал тренинг центарот на Фуксе во Хоеншенхаузен.
За Французинот, кој има сè освоено со Барселона (9 титули во Шпанија, 3 ЛШ, плус злато на ОИ, СП и ЕП), опциите за иднината се чинат јасни:
- Продолжување со Барселона (каде е веќе 11 години).
- Враќање дома во ПСЖ.
- Предизвик во најсиланта лига на светот – Бундеслигата.
Сон за „Галактикоси“ во Берлин
Ако ова се оствари (најрано во 2027 година), Фуксе Берлин би составил бековска линија од соништата. Замислете го ова трио:
- Матијас Гидсел (како среден бек)
- Дика Мем (десен бек)
- Симон Питлик (лев бек – исто така се шпекулира за трансфер од Фленсбург).
Што вели Боб Ханинг?
Алфа и омегата на клубот, Боб Ханинг, остана загадочен, но не демантираше.
„Дали е така? Прекрасно е што такви играчи се интересираат за нас. Ако ги потпишував сите за кои се зборува, ќе ја наполнев цела Бундеслига“ – изјави Ханинг за Bild, оставајќи ја вратата ширум отворена.
Дали Берлин ќе стане новиот центар на ракометниот свет? Останува да видиме, но каде има чад…
Следете нè: Facebook | Instagram | X



