Новак Ѓоковиќ повторно ја презеде контролата во Шангај и продолжи да руши рекорди, станувајќи најстариот тенисер кој се пласирал во полуфинале на Мастерс турнир. По неколку бурни денови исполнети со жештина, замор и медицински тајм-аути, српскиот шампион конечно одигра меч без драма, но со доволно тениска магија да потсети дека и на 38 години, тој сè уште го диктира темпото.
Во четвртфиналето на Мастерсот во Шангај, Ѓоковиќ го совлада белгискиот тенисер Зизу Бергс со 6–3, 7–5, во дуел што понуди моменти на тениска уметност. Ова за Новак беше неверојатна 80-та победа само на Мастерс турнирите.
Бергс, кој настапи без притисок и со храбра игра, успеа да го врати брејкот во вториот сет и да го натера Новак да се помачи за да ја затвори приказната. На крајот, искуството и ладнокрвноста на Ѓоковиќ го направија своето.
UNREAL NOLE DEFENSE 🫨@DjokerNole #RolexShanghaiMasters pic.twitter.com/LESCJeLDBk
— Rolex Shanghai Masters (@SH_RolexMasters) October 9, 2025
“Требаше да го затворам мечот при 5–4”, изјави Ѓоковиќ. “Условите се навистина тешки овие денови за сите играчи, само се обидував да преживеам на теренот. Драго ми е што го минав и овој предизвик”.
Ова беше прв меѓусебен дуел меѓу двајцата, а на крајот, наместо тензии следуваше искрена прегратка.
“Морам да престанам да те идолизирам”, се пошегува Бергс пред да го прегрне Новак на мрежата, добивајќи аплауз од публиката.
“Man, I gotta stop idolizing you” 🥹
Wholesome moments at the net as Nole gets past Bergs 6-3 7-5 for a 10th Shanghai SF!@DjokerNole #RolexShanghaiMasters pic.twitter.com/IGgU29zapW
— Rolex Shanghai Masters (@SH_RolexMasters) October 9, 2025
Ѓоковиќ во полуфиналето го очекува сензацијата на овој турнир – Валентин Вашеро од Монако, кој е 204-ти на АТП листата, а пристигна до тука со неверојатна приказна.
Вашеро, кој во Шангај влезе како заменски играч, го елиминираше Холгер Руне со 2–6, 7–6 (4), 6–4, станувајќи втор најслабо рангиран полуфиналист на Мастерс 1000 турнир во последните 35 години.
“Ова е сон”, рече емотивниот Вашеро. “Не дојдов ниту како квалификант, туку како резерва… не знаев дали ќе играм, а сега стојам меѓу најдобрите четворица”.
Шангај добива нов јунак, но сите очи сè уште се вперени во човекот кој и по речиси две децении на врвот не планира да се симне.