Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, го објави списокот на ракометари за претстојната ЕХФ недела, во која нашиот национален тим ќе одигра два контролни натпревари против селекцијата на Јапонија. Овие дуели ќе послужат како одлична подготовка за она што нè очекува во јануари, настапот на Европското првенство.
Најголемата и најпозитивна вест од списокот е враќањето на искусното лево крило, Дејан Манасков, по пауза од речиси две години.
Манасков повторно во “црвено-жолтиот” дрес
Старо-новиот репрезентативец, кој игра во врвна форма оваа сезона како член на Еурофарм Пелистер, го доби повикот од Лазаров и повторно ќе биде дел од националниот тим. Неговото враќање, заедно со присуството на стандардниот Филип Кузмановски, ќе донесе огромно искуство и квалитет на левата офанзивна линија.
“Алкалоид” и “Еурофарм Пелистер” – столбот на репрезентацијата
Списокот на Лазаров јасно покажува дека костурот на репрезентацијата го сочинуваат играчи од овие македонски клубови. Дури 11 ракометари доаѓаат од РК Алкалоид, додека шест се од Еурофарм Пелистер. Единствениот “странец” на основниот список е голманот Мартин Томовски, кој настапува во германската Бундеслига.
На списокот ги нема Филип Талески и Томислав Јагуриновски, кои се наоѓаат на резервната листа, најмногу поради тоа што на почетокот на сезоната се мачеа со повреди.
Два теста со незгодната Јапонија
Македонија ќе одигра два пријателски натпревари против Јапонија. Првиот е закажан за 30 октомври во салата во Автокоманда и ќе биде од затворен тип, додека вториот ќе се одигра на 1 ноември. Собирот на репрезентативците е закажан за 27 октомври во хотелот “Александар Палас”.


