Ѓорѓиев по триумфот над Бахреин: „Среќни сме за победата, но знам дека можеме уште подобро!“

Објавено:

Македонската ракометна репрезентација успешно ја започна својата авантура на „Жолтиот куп“ во Швајцарија, а еден од оние кои добија значајна минутажа во ротациите на Кирил Лазаров беше и средниот бек Игор Ѓорѓиев.

По триумфот над незгодниот Бахреин (32-28), Ѓорѓиев ги сподели своите впечатоци, потенцирајќи дека иако победата е важна за самодовербата, тимот допрва ќе ја подигнува формата пред заминувањето на Европското првенство.

„Ова е само почеток“

Ѓорѓиев смета дека осцилациите во играта се очекувани во оваа фаза од подготовките, но верува во потенцијалот на соиграчите.

„Најпрво би сакал да им честитам на моите соиграчи за одличната борба. Беше ова тежок натпревар за играње, но мора да имаме на ум дека ова е сепак подготвителен период, па верувам дека од натпревар во натпревар ќе бидеме сè подобри. Секогаш како индивидуалец целам кон тоа дека може подобро, а мислам дека и моите соиграчи имаат капацитет за многу повеќе. Имавме свои успони и падови, но среќни сме за победата“, изјави Ѓорѓиев.

Денес нов тест, Украина е на ред

Ракометарите немаат многу време за одмор. Веќе денеска, со почеток во 17:45 часот, Македонија го игра својот втор натпревар на турнирот против репрезентацијата на Украина. Ова ќе биде нова можност за селекторот Лазаров да испроба тактички варијанти и дополнително да го искристализира составот за Скандинавија.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено