Амбициозниот проект на ГРК Охрид добива нова димензија. Само неколку месеци по заминувањето во Германија, македонскиот репрезентативен десен бек, Томислав Јагуриновски, се враќа во македонската Суперлига и го облече дресот на “гладијаторите”.
Ова е вистинска трансфер-бомба, со која Охрид јасно ги истакнува своите високи амбиции: напад на самиот врв во домашното првенство и значајна улога во Европа.
Од МВП на Купот до брзо враќање дома
Јагуриновски, кој пред само пет месеци беше прогласен за МВП на Купот на Македонија како играч на Вардар, летово се одлучи за интернационален предизвик и потпиша за германскиот второлигаш Десау. Сепак, поради проблеми со повреда на грбот, тој спогодбено го раскина договорот и одлучи да се врати во Македонија.
“Чест ми е што ќе се придружам на колектив како РК Охрид, кој има голем напредок и амбиции. Охрид е македонскиот бисер и задоволство е да се игра за овој дрес и овие навивачи”, изјави Јагуриновски по потпишувањето на двегодишниот договор.
Охрид создава “дрим-тим”: Јагуриновски како шлаг на тортата
27-годишниот десен бек е само последното во низата големи засилувања за Охрид. Пред него, во клубот пристигна и поранешниот играч на Вардар, средниот бек Младен Крсманчиќ, со што тимот на српскиот стратег Борис Ројевиќ добива сериозен квалитет и искуство.
Јагуриновски, кој во својата кариера настапуваше за сите големи македонски клубови: Металург, Вардар, Еурофарм Работник и Пелистер – ќе донесе огромна цврстина во одбраната и разорна моќ во нападот, каде што ќе им се приклучи на веќе докажаните имиња како Дарко Ѓукиќ, Предраг Вејин и Давид Савревски.
Тој веќе неколку дена е во Охрид, а викендов од трибините ги следеше и европските дуели на својот нов тим против азербејџанскиот Баку.
На крајот, едно е сигурно, со овој потег битката за титулата во македонскиот ракомет станува уште повозбудлива и понеизвесна.