Лас Вегас требаше да биде трка на славје за Мекларен. Ландо Норис и Оскар Пијастри ја завршија ноќта како херои: брзи, смирени, тактички совршени. Но додека светлата на сè уште светеа, ФИА ја донесе одлуката што ги избриша и нивните резултати и нивната насмевка. Двете Мекларен возила беа дисквалификувани поради прекумерно истрошена подна плоча, нешто што не се решава со жалби, туку со ладна, недвосмислена мерка.
За оние навивачи кои не навлегуваат длабоко во техничките детали, приказната е многу попроста: подниот дел на Ф1 болидот има задолжителна плоча, т.н. „plank“, која треба да покаже дали тимот возел премногу ниско. Кога колата удира во патеката, таа плоча се струга. Малку стругање е нормално. Прекумерно стругање значи дека болидот возел толку ниско што тоа му давало аеродинамичка предност. Правилото е едноставно: плочата не смее да биде истрошена под 9 милиметри. Мерка, ништо повеќе.
Коментаторите го предупредуваа тоа уште од петокот, Мекларен изгледаше пониско од сите, а болидите фрлаа искри како огномет. Но се чинеше дека тоа е намерно: повеќе брзина, повеќе контрола во свиоци, повеќе темпо. Вегас, сепак, не е обична патека. Нејзината површина е груба, брановидна, непредвидлива. Болидите буквално „седнуваат“ на асфалтот во одредени точки, а тоа е рецептот за катастрофа кога возиш на самиот лимит на дозволената висина.

Ова го почувствува и Норис во последните кругови, само што тогаш никој не знаеше зошто тој одеднаш почна да вози поспоро. Навивачите мислеа дека штеди гориво, коментаторите мислеа дека тактиката им се распаѓа. Но вистината, која беше откриена дури по дисквалификацијата, беше дека Мекларен му праќал кодирани пораки. Не за гориво, туку за да го заштити подот. Да кочи порано. Да не турка на излезите. Да избегне удирање во патеката. Сето тоа за да ја спаси плочата од уште 0.2 мм што ќе го осудат. Иронично, разликата за која тој беше дисквалификуван е помала од дебелината на човечкото влакно.
Парадоксално, токму тоа било доказ дека тимот знаел дека работите стануваат критични. Норис добивал упатства, Пијастри, кој возеше во туѓ DRS и имаше поразлична динамика, не успори. Дали Пијастри не ги доби истите инструкции или свесно реши да ризикува до крај, останува само да шпекулираме. Мекларен пресметал дека Норис е во поголем ризик, но не пресметал доволно добро.
this was his reconnaissance lap, during which the article suggests mclaren discovered the plank issue 🙃 the amount of sparking… https://t.co/xRHOpxEoqm pic.twitter.com/GISkYCpdvS
— ray (@ln4norris) November 23, 2025
Кога трката заврши, стјуардите ги избраа неколкуте болиди за рутинска посттеренска проверка. Мекларен беше меѓу нив. И таму падна пресудата: бројките покажаа помалку од 9 мм истрошеност. Нема дискусија, нема политика, нема „но“. Во Формула 1 има илјада интерпретации, ама ова не е една од нив. Мерењето или го поминуваш, или паѓаш. И Мекларен падна – со двата болиди.
Причините се повеќеслојни, но во суштина многу човечки. Мекларен, најбрзиот развоен тим оваа сезона, фрли сè на маса во Вегас. Одлучи да вози уште пониско, уште поагресивно, за да ја избегне лошата форма од минатата година на оваа патека. Менуваше сетап по сетап, бараше идеална рамнотежа, одеше по танка линија. И на брза, груба, непредвидлива патека каква што е оваа – ја премина.
Последиците се огромни. Норис, кој требаше да го прошири водството во шампионатот, сега е само чекор пред Верстапен и Пијастри. Разликите што беа удобни станаа заканувачки. Пред нас се Катар и Абу Даби, две трки, еден спринт викенд, 58 поени за распределба. И одеднаш трка што требаше да ја заклучи приказната, ја отвори најдраматичната можност: шампионатот повторно е жив.

Мекларен ќе мора да ја анализира оваа катастрофа. Можеби проблемот е само Вегас. Можеби нешто поголемо се крие во новиот баланс на болидот. Можеби ризикот што одлично им помина во последните шест месеци, конечно ги стигна.
Многумина шпекулираат дека ова не е прв пат Мекларен да вози во недозволената зона на спуштање на болидите, навраќајќи се на примерите како Бахраин каде искрите исто така предизвикаа големи дебати. Но, тогаш болидите на Мекларен не беа избрани за проверка, па прашањата за колку пати претходно во сезоната го направиле овој потег остануваат да висат во воздухот.
На крајот, ова е добро потсетување за навивачите: понекогаш најголемите пресврти во Формула 1 не се случуваат на патеката и тркањето… Туку во работите кои понекогаш не ги гледаме.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



