Кристијанштад пристига во Скопје, „црвено-црните“ бараат победа и враќање на врвот

Објавено:

Вторник вечер во СЦ „Јане Сандански“ носи нова европска битка. Вардар во 18:45 часот го пречекува Кристијанштад во дуел кој може да го промени целиот распоред во групата. Швеѓаните моментално имаат пет бода, Вардар четири, а по минималниот пораз во првиот меч, „црвено-црните“ немаат право на кикс на свој терен.

Чупиќ смета дека поразот во Шведска бил добра лекција, бидејќи во анализата најјасно се виделе слабите точки што мора да се коригираат ако Вардар сака да остане на европско ниво.

„Нападот во игра 6 на 6 беше на солидно ниво, но техничките грешки во трчањето и транзицијата нè чинат прескапо. Токму тука скандинавските екипи најмногу казнуваат. Бараме поголема дисциплина, брзо враќање, повеќе концентрација. Пред нашата публика мора да важиме за фаворити и тоа ќе го бараме од првата минута“, порача Чупиќ, кој дополнително ги охрабри навивачите да ја наполнат салата и да создадат атмосфера каква што само Скопје може.

Тренерот на Вардар додаде и дека оваа група ќе се решава во самата завршница, но дека амбицијата е јасна – враќање на победничкиот ритам и градење форма што треба да ја достигне кулминацијата во периодот февруари–јуни.
„Знам каде сум дојден. Вардар секогаш мора да победува!“, заврши Чупиќ.

Голманот Васил Гогов исто така ја потенцираше важноста на концентрацијата, особено по првиот меч во Шведска.
„Направивме премногу пропусти, а против вакви екипи тоа веднаш се казнува. Последниве денови работевме токму на тоа, да ги сведеме грешките на минимум. Ќе дадеме максимум за да го вратиме првото место во групата“, вели Гогов.

Мечот е директна борба за лидерска позиција, која носи далеку подобра појдовна точка за нокаут-фазата. Вардар ќе се потпре на својот силен домашен терен, одбранбената дисциплина и ритамот во напад што го држи тимот во игра против секој европски ривал.

Вардар – Кристијанштад

ЕХФ Европска лига, групна фаза
Вторник, 18:45 ч.
СЦ „Јане Сандански“, Скопје

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено