Матијас Гидсел, ракометната сензација која се појави на Светското првенство во 2021 година, денес е неприкосновен крал на теренот. амислете вакво нешто: некој да биде најдобар играч и стрелец на Олимписки игри, на Светско првенство, да го освои германското првенство како МВП, па дури и да игра финале во Лигата на шампионите, сѐ тоа во иста година! Гидсел го направи невозможното, надминувајќи ги и легендите како Балиќ, Карабатиќ и Хансен. Тој не е само играч; тој е ракометен феномен кој засекогаш ќе остане врежан во историјата на спортот.
Со само 26 години, неговата листа на успеси е неверојатна: најдобар ракометар во светот (2023, 2024), најдобар во Европа (2025), МВП на Олимписките игри во Токио 2020 и Светското првенство 2023, плус редовен член на Ол-стар тимовите. Иако физички делува ситно, неговата брзина и недофатливост на терен го прават вистински кошмар за противниците. Како актуелен МВП на сезоната, Гидсел ни даде ексклузивен увид во својата уникатна филозофија.
Тајната на Фуксе Берлин: Зошто помала риба во поголем базен?
Многумина се прашуваа зошто Гидсел, со понуди од најголемите европски клубови, се одлучи за Фуксе Берлин. Одговорот е едноставен и инспиративен: “Мораше да имам повеќе одговорност отколку што би имал во некои други врвни клубови. Верувам дека на тој начин можам најмногу да се развивам како играч и да научам како да бидам вистински лидер. И успеав! Од играч кој доминираше во играта „еден на еден”, сега сум многу покорисен за целиот тим. Иако шутот сѐ уште не е мојата најголема предност, сега сум посилен и ментално подготвен за ‘еден на еден’ дуели”.
Ракометот како партија шах: Дански ред наспроти берлинска слобода
Гидсел открива дека стилот на игра е различен во Данска и во Берлин. “Данскиот селектор, Николај Јакобсен, ја фаворизира структурата и системите, додека во Берлин има малку повеќе креативна слобода. За мене, првите 20 минути од секој меч се како брза анализа: што планира противникот? Кои им се приоритетите? Дали се обидуваат да ме ограничат? Се обидувам да ги прочитам нивните намери. Денес, како десен бек, морате да бидете многу пофлексибилни. Треба брзо да сфатам каде се слабостите на противникот, бидејќи просторот е сѐ помал. Не можете секогаш да поминете, но мора да знаете каде противниците ќе ги толерираат вашите шутеви, а каде не. Затоа, за мене тоа е главно – ракометен шах!”
Забава, трикови и “ужасни” тренинзи: Тајната на креативноста

Гидсел е напаѓачки виртуоз, најдобар стрелец на три големи првенства по ред (ОИ 2024, ЕУРО 2024, СП 2023), а притоа не извел ниту еден седмерец! Тој е и врвен асистент, секогаш во врвот на оваа статистика.
“Тренингот е клучен за да ја изразам креативноста на терен. Тој ми овозможува да ги користам вештините во моментот, без премногу размислување. Ракометот за мене е како факултет. Како што лекар студира 10 години, така и ракометар мора да го стори истото. Секогаш размислувам зошто се случуваат работите. Тоа е можеби најважното”.
“Кога ме гледате како тренирам, сѐ се врти околу забава и обиди да изведам многу трикови за кои мојот тренер мисли дека се ужасни за гледање! Но, знаете, кога ќе го пробате тоа илјада пати на тренинг, еден ден тоа едноставно ќе излезе на виделина во натпревар. Многу сум креативен. Постојано се обидувам да барам нови граници и да направам нешто со топката што никој досега не го видел. Мојот голем идол кога бев мал беше Лук Абало. Тој можеше сѐ со топката. Тоа се обидувам да го постигнам – секогаш да имам одговор на терен”.
Клучни моменти и притисок: Кога сите се уморни, оди против навиките!
Како размислува Гидсел кога резултатот се крши? “Мораш да го направиш спротивното од она што секогаш го правиш, бидејќи противниците се подготвиле за тебе. А во клучните моменти, кога сите се уморни, и поединците и тимовите имаат тенденција да се вратат на своите навики. Токму тогаш мораш да одиш против своите навики“.
Иако одбраната не му е омилена, тој е прагматичен: “Одбраната е дел од играта, а јас сакам да бидам поголем дел од истата. Понекогаш сум малку скриен на крило, но одбраната ја гледам исто како шах. Тоа е исто така процес на учење. Ги користите првите 10 минути за да видите како противниците реагираат”.
Справувањето со притисокот е клучно. “Бев прилично млад кога влегов во репрезентацијата и веќе играв многу финалиња. Тој притисок и тие искуства речиси секој јануари ви даваат многу искуство како ракометар, но и како личност. Кога ќе прифатите дека постои голем притисок, особено врз најдобрите играчи и врз данската репрезентација, тогаш можете да почнете да се забавувате и да уживате во атмосферата – без разлика дали играте во ЛАНКСЕС арената, во Стокхолм пред 20.000 луѓе, или на Олимписки игри пред 27.000 луѓе. За мене сѐ е во забавата и се надевам дека луѓето тоа го гледаат кога сум на терен – дека сум само едно мало момче кое се забавува. Притисокот е само нешто со кое треба да научите да се справувате. И тоа е многу индивидуално”.

“Една работа е да се биде добар ракометар, тоа е можеби полесниот дел. Но, најтешкиот дел е да се биде типот кој може да го поднесе притисокот, да се биде типот кој може да каже ‘Еј, дај ми ја топката!‘ или да се биде типот од кого твоите соиграчи секогаш можат да црпат енергија. Тоа е подолг процес на учење, но тоа е нешто што најмногу можам да го развијам. Тоа е неописливо, но навистина многу важно во светот на ракометот”.
За Гидсел, конкуренцијата е постојана инспирација. “Се појавуваат многу играчи кои повеќе не се толку високи и силни, кои не шутираат од 10 метри, но се помудри и попаметни. За мене тоа е голема доблест на ракометот по што е посебен. Секогаш се работи за размислување и за тоа да се биде чекор понапред. Ракометот е толку сложена, толку тешка игра, што можете да научите нешто ново секоја недела, дури и секој ден. За мене ракометот е најневеројатниот спорт”, заклучува Матијас Гидсел.