Мекларен го проширува тимот во Ф1 Академија и ја доведе ќерката на Хакинен!

Објавено:

Тимот од Вокинг го дуплира својот ангажман во женската серија, а како најнов талент во својата академија ја пречека Ела Хакинен, ќерка на двократниот Ф1 шампион.

„Мекларен“ најави голем исчекор во развојот на женскиот моторспорт. За сезоната 2026, тимот ќе настапи со два болида во серијата Ф1 АКАДЕМИЈА.

Ф1 АКАДЕМИЈА: Лојд и Стивенс

Тимот ќе ја задржи Ела Лојд, која во моментов е на третото место во генералниот пласман за 2025 година. Како ново лице доаѓа Ела Стивенс, 19-годишна Британка, која неодамна стана вицешампионка во картинг KZ2 и се истакна како единствена жена со победа во врвната британска картинг класа.

Вториот болид, со Стивенс на чело, ќе се води како F1 ACADEMY McLaren Oxagon, во соработка со партнерот НЕОМ.

Новиот талент: Ела Хакинен

Најголемата вест е засилувањето на Програмата за развој на возачи на Мекларен. На тимот му се приклучи Ела Хакинен, 14-годишната ќерка на легендарниот Мика Хакинен.

Младата Хакинен, која е еден од деветте картинг таленти поддржани од Ф1 АКАДЕМИЈА, станува најмладиот возач во јуниорскиот состав на „Мекларен“. Таа веќе се подготвува за тестирање на едноседи со цел деби во 2027 година.

Извор: https://www.formula1.com/

Зак Браун: Отвораме патишта за сите!

Извршниот директор Зак Браун истакна дека „Мекларен“ е исклучително горд на напредокот во зголемувањето на застапеноста на жените во спортот:

„Горд сум на напредокот што го постигнавме во зголемувањето на женската застапеност во моторспортот. Ова е сигнал за сите талентирани картинг возачки, инженери и механичари дека нашиот спорт е отворен за сите. Сега имаме три извонредни млади возачки во нашата програма, што е навистина возбудливо! Благодарност до НЕОМ што ни помага да отвориме уште повеќе патишта за жените.“

Со оваа одлука, „Мекларен“ јасно ја истакнува својата посветеност кон развивање на женски шампионки во иднина.

Гостинска статија на Марија Петровска


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено