Неизвесноста која владееше на средината на сезоната околу евентуалното префрлување на Макс Верстапен во Мерцедес стивна откако четирикратниот шампион потврди дека останува во Ред Бул, па некако не доаѓа како преголемо изненадување веста дека и Мерцедес ги потврди двајцата свои актуелни шофери за идната сезона.
Мерцедес вечерва и официјално потврди дека Џорџ Расел и Кими Антонели ќе бидат нивната возачка постава и во 2026 година. Како што изјави Тото Волф, “Џорџ и Кими се силен пар и возбудени сме што продолжуваме заедно”.
Волф објасни дека преговорите не биле прашање на несигурност, туку на време и детали: “Сакавме да го направиме тоа правилно, да се осигуриме дека сите страни се задоволни. Џорџ и Кими се одлична комбинација и со нетрпение гледаме кон новата ера на Ф1 во 2026”.
“Следната сезона ќе биде десет години од кога потпишав со Мерцедес”, вели Расел. “Тоа е неверојатно патување и не можам да дочекам да видам што нè очекува, особено со новите регулативи што ќе ја променат Формула 1 следната година”.
Младиот Италијанец пак ја покажа својата зрелост и решителност:
“Научив многу оваа сезона и од добрите и од тешките моменти. Сè тоа ме направи посилен како возач и како тимски играч. Благодарен сум на Тото и целиот тим за довербата”.
Она што е интересно е дека договорите и на двајцата возачи се потврдени само за идната сезона. Иако гласините беа дека Џорџ Расел одбива да потпише едногодишен договор со цел да си ја заштити својата иднина, сепак на крај тој се согласил на условите на Тото Вулф. Со ова продолжување, Мерцедес добива стабилност пред радикалните промени во правилникот во 2026, но во исто време, договорот на Расел за една година остава простор за големи потреси во падокот следното лето.