Ноќ полна со приказни, пресврти и индивидуални блесоци ја одбележа новата НБА рунда – од доминацијата на Сан Антонио против Лејкерс, преку камбекот на Денвер во Бостон, па сè до тројката на Банкеро на звукот на сирената и 46 поени на Шеј во Оклахома.
Спарс – Лејкерс (107:91)
Сан Антонио уште еднаш покажа дека оваа сезона е сериозен фактор на Западот. Келдон Џонсон со 27 поени ја предводеше екипата, додека Виктор Вембањама, иако дојде од клупата и беше под знак прашање пред мечот, запиша нов дабл-дабл (16 поени, 14 скокови) и имаше огромно влијание во двата правци.
Лејкерс беа без Леброн Џејмс, Остин Ривс и Руи Хачимура, а и покрај историскиот трипл-дабл на Лука Дончиќ (38 поени, 10 скокови, 10 асистенции), немаа доволно длабочина. Клучен момент беше серијата 11:4 на Спарс во третата четвртина, со која го презедоа целосно ритамот на натпреварот.
Нагетс – Селтикс (114:110)
Во Бостон, Денвер одигра шампионски меч без Никола Јокиќ. Џамал Мареј диригираше со 22 поени и дури 17 асистенции, а Пејтон Вотсон експлодираше со 30 поени. Нагетс направија серија 14:0 во последната четвртина и од минус три дојдоа до двоцифрена предност.
Селтикс, и без Џејсон Тејтум, беа во игра до самиот финиш. Џејлен Браун постигна 33 поени, а Нимеијас Куета доминираше под кошевите со рекордни 20 скокови, но завршницата им припадна на гостите.
Пистонс – Булс (108:93)
Детроит продолжува со позитивната серија и покрај бројните отсуства. Ајзеја Стјуарт одигра натпревар на кариерата со 31 поен, водејќи ги Пистонс до четврта победа во последните пет меча.
Чикаго имаше минимална предност по три четвртини, но целосно потфрли во последниот период, каде промаши осум од првите десет обиди за три поени и не најде решение за агресивната одбрана на домаќините.
76ерс – Визардс (131:110)
Џоел Ембиид изгледа сè подобро како што одминува сезоната. Со 28 поени и доминација уште во првата четвртина, тој го трасираше патот кон сигурна победа на Филаделфија. Пол Џорџ и Тајрис Макси беа константна поддршка, а сите стартери на Сиксерс завршија со двоцифрен учинок.
Вашингтон, без неколку клучни играчи, немаше сила за изненадување.
Рапторс – Хорнетс (97:96)
Драмата на вечерта дојде во Шарлот. Иманиуел Квикли погоди тројка на звукот на сирената и им донесе победа на Репторс, кои се вратија од минус 10 во последната четвртина.
Само 1,6 секунди претходно, ЛаМело Бол изгледаше како херој за Хорнетс, но последниот напад и ладнокрвноста на Квикли ја замолкнаа салата.
Никс – Клиперс (123:111)
Њујорк конечно ја прекина серијата порази, предводен од комплетната партија на Карл-Ентони Таунс (20 поени, 11 скокови, 7 асистенции) и 26 поени на Џејлен Брансон.
Клучна беше серијата 24:7 од крајот на третата до средината на четвртата четвртина, со која Никс го решија натпреварот. Кај Клиперс, Кавај Ленард и Џејмс Харден не беа доволни за пресврт.
Хокс – Пеликанс (117:110)
Вечер со историски контекст во Атланта. Без Треј Јанг (кој беше дел од голем трејд со Вашингтон), Хокс одиграа тимски натпревар со седум играчи со двоцифрен учинок.
Пеликанс го запишаа деветтиот пораз по ред, и покрај солидниот настап на Зион Вилијамсон.
Меџик – Нетс (104:103, ОТ)
Паоло Банкеро беше апсолутен херој во Њујорк со тројка од табла на звукот на сирената во продолжението и победа за Орландо. Италијанецот заврши со 30 поени во меч полн со промени на водството и нервозни завршници.
Санс – Гризлис (117:98)
Дилон Брукс се врати во Мемфис и немаше милост. Феникс ја контролираше играта од старт, ги казни грешките на домаќините и рутински славеше на гости.
Тандер – Џез (129:125, ОТ)
Шеј Гилџес-Александер одигра МВП-партија со 46 поени, шут за израмнување на крајот од регуларниот дел и девет поени во продолжението. Оклахома Сити ја прекина лошата серија и избегна трет последователен пораз.
Вориорс – Бакс (120:113)
Стеф Кари повторно беше Стеф Кари. 31 поен, клучна тројка на 26 секунди до крајот и целосна контрола во завршницата против Милвоки. И покрај 34 поени на Јанис Адетокумбо, Бакс не успеаја да одговорат на шутерската вечер на Голден Стејт.
Трејл Блејзерс – Рокетс (103:102)
Дени Авдија одигра натпревар на сезоната со 41 поен и го предводеше Портланд до четврта последователна победа. Хјустон мислеше дека победил со тип-ин на звукот на сирената, но по прегледот се покажа дека кошот е постигнат предоцна.
Кевин Дјурант со 37 поени беше најдобар кај Рокетс, но последниот шут не влезе.



