НБА преглед: Дјурант со тројка за победа, изненадувања и драми низ лигата

Објавено:

Рокетс – Санс 100:97

Кевин Дјурант уште еднаш покажа зошто е еден од најладнокрвните стрелци во историјата. Со тројка од далечина на 1.1 секунда до крајот, Дјурант им донесе победа на Хјустон над Феникс, токму против својот поранешен клуб.

Натпреварот беше израмнет до самиот финиш. Феникс имаше две шанси за водство, најпрво преку Девин Букер, а потоа и по офанзивен скок, но часовникот истече. Дјурант потоа ја зеде топката и без двоумење погоди преку рака за победа.

Тој мечот го заврши со 26 поени, а голема поддршка доби од Амен Томпсон и Џабари Смит Џуниор со по 17. Кај Санс, Букер постигна 27 поени, но серијата од две победи беше прекината.

Пистонс – Никс 121:90

Детроит испрати силна порака со убедлив триумф над Њујорк. Кејд Канингем одигра лидерски натпревар со 29 поени и 13 асистенции, диктирајќи го темпото од самиот почеток.

Пистонс доминираа во рекетот (52:34 поени) и на скок, а разликата константно растеше. Никс никогаш не пронајдоа ритам, а освен Џејлен Брансон (25 поени), немаа вистинска офанзивна поддршка. Ова беше четврти пораз по ред за Њујорк.

Селтикс – Булс 115:101

По историските 50 поени против Клиперс, Џејлен Браун овојпат беше далеку од својот стандард, но тоа не го спречи Бостон да ја продолжи победничката серија.

Анферни Сајмонс со 27 и Пејтон Причард со 21 поен ја водеа офанзивата, додека Селтикс одиграа одлична одбрана и го лимитираа Чикаго на само 33 поени во првото полувреме. Булс се бореа, но без континуитет и со уште еден пораз надвор од дома.

Рапторс – Хокс 118:100

Рапторс ја потврдија доминацијата над Атланта со втора победа за само неколку дена. Без повредениот Пелтл, шансата ја доби руки-центарот Колин Мареј-Бојлс, кој возврати со 17 поени, седум скока и седум асистенции.

Скоти Барнс беше моторот на тимот со 18 поени, 10 асистенции и осум скока, а дури седум играчи на Торонто имаа двоцифрен учинок. Хокс не успеаја да го следат темпото и повторно паднаа во второто полувреме.

Хорнетс – Тандер 124:97

Најголемото изненадување на вечерта. Шарлот му го нанесе најтешкиот пораз во сезоната на најдобриот тим во лигата.

Брендон Милер блесна со 28 поени, додека Тандер за првпат оваа сезона не успеаја да постигнат 100 поени. Шеј Гилџес-Александер ја продолжи серијата од 20+ поени, но со слаб шут и без ефект во финишот.

Нагетс – 76ерс 125:124 (продолжение)

И без Јокиќ, Мареј и уште неколку стартери, Денвер излезе како победник од Филаделфија. Натпреварот се реши во продолжение, кога Брус Браун постигна кош по контроверзна одлука за гол-тендинг врз Џоел Ембид.

Ембид постигна 32 поени, но Фила пропушти шанса за победа во последниот напад. За Нагетс ова беше триумф на карактерот и длабочината на ростерот.

Трејл Блејзерс – Џез 137:117

Дени Авдија продолжува со формата на кариерата. Израелецот за само три четвртини забележа 33 поени, девет асистенции и осум скока, а Портланд немаше потреба од него во последниот период.

Блејзерс ја продолжија победничката серија, додека Јута тоне со уште еден убедлив пораз.

Клиперс – Вориорс 103:102

Натпревар што ќе се прераскажува. Клиперс славеа во драматичен финиш, но фокусот беше на настаните покрај теренот – Стив Кер беше исклучен, а Стеф Кари фаулираше до крај за првпат по 2021 година.

Кавај Ленард со 24 поени и 12 скока го водеше Лос Анџелес, кој ја продолжи доминацијата над Вориорс на домашен терен.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено