Лас Вегас доби шоу, ама и воден хаос. На крајот, само еден човек остана ладнокрвен во градот што никогаш не спие – Ландо Норис. Со време 1:47.934, Британецот ја освои третата пол-позиција по ред, оставајќи го Верстапен три десетинки зад себе, а Карлос Сајнц со уште едно блескаво возење стигна до третото место.
Сесијата беше мокра од старт до финиш, вистинска лотарија на тркала. Болидот на Вилијамс уште еднаш потврди дека е „квалификациски феномен“ во вакви услови, а Џорџ Расел водеше и во Q1 и во Q2. Но кога најмногу беше потребно, Норис повторно притисна, дури и откако за влакно не ја удри бариерата на излезот од свиокот 16.
"Oh… No one else got a lap?" 😅
— Formula 1 (@F1) November 22, 2025
A surprised Lando Norris crosses the line and secures pole position!#F1 #LasVegasGP pic.twitter.com/uVP8ZChXfV
Пијастри, најголемиот ривал во борбата за титула, се мачеше во клучните моменти: прво жолто знаме пред него, па грешка во свиокот 12. На крајот „само“ петто место, зад Расел кој го фати последниот прозорец од сувиот асфалт.
Лијам Лоусон ја продолжи серијата на силни настапи за Рејсинг Булс со П6, пред Алонсо, Хаџар, Леклер и Гасли, сите со мали, но скапи грешки во последните напади.

Q1: Хамилтон елиминиран последен!
Уште на самиот старт условите беа катастрофални. Дождот не престануваше, а возачите се бореа со реки вода низ улиците на Вегас. На крајот, најмногу страдаа Албон, кој ја удри оградата на излез од свиокот 16, Цунода, Антонели, Бортолето и Луис Хамилтон, кој едноставно „не можеше да ги загрее гумите“. Финишираше последен.
Q2: Расел повторно најбрз, Хулкенберг прв под цртата
Сите продолжија со екстремни дождовни гуми, но условите беа подмолни. Расел повторно беше најбрз, Хаџар одеше изненадувачки добро, а Пијастри едвај се протна во Q3. Хулкенберг беше првиот елиминиран, заедно со Строл, Окон, Бермaн и Колапинто кој направи вистинско „дрифт шоу“ пред да излета.
Q3: Норис го чекаше последниот момент… и погоди!
Со интермедија гуми и целата сесија сведена на последните круг-два, битката беше нервозна, грешките чести, а притисокот максимален. Сајнц започна најдобро, Верстапен го презеде водството, Пијастри доби шанса да вози последен, но Норис ја искористи секундата повеќе на сув асфалт и го извозе времето за пол-позиција.
„Стресно, стресно до небо!“ рече Норис веднаш по сесијата. „Толку лесно можеш да ја изгубиш контролата… но доволно беше за П1. Не беа најубави услови, ама барем престана дождот“.
Сега тој ќе ја има тешката задача да го задржи водството во првиот свиок, со Макс Верстапен веднаш зад него на утрешниот старт.



