(Официјално) Еурофарм Пелистер остана без тренер пред дербито со Вардар!

Објавено:

Шпанскиот стратег Рубен Гарабаја веќе не е тренер на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер. Клубот официјално потврди дека ја прифатил оставката на тренерот, која доаѓа како директна последица на разочарувачките резултати во последниот период, особено по ремито со Алкалоид и поразот од Загреб во Лигата на шампионите.

Гарабаја, кој го презеде тимот ова лето наследувајќи го Раул Алонсо, си заминува пред истекот на договорот. Во својот краток мандат, тој успеа да го освои Суперкупот на Македонија и донесе 4 бода во елитното европско натпреварување.

„Не почувствував поддршка, немаше реакција“

Во својата проштална изјава, Шпанецот беше искрен за причините што го доведоа до оваа одлука.

„Сакам да потенцирам дека по натпреварот со Алкалоид не почувствував поддршка од амбиентот. Очекував реакција во Загреб, но со оглед на тоа што таа реакција не дојде, се одлучив да ја понудам мојата оставка“, изјави Гарабаја.

Тој верува дека неговото заминување може да биде „шок терапија“ за екипата пред клучниот дел од сезоната.

„Сметам дека мое заминување во овој момент ќе предизвика позитивна реакција кај тимот и ракометарите“, додаде тој, заблагодарувајќи се на играчите и клубот за соработката.

Пред Еурофарм Пелистер сега претстои тежок период. Во следните две недели ги очекува дербито со Вардар, како и дуели со Струга, Тиквеш и незгодно гостување во Охрид. Клубот најави дека наскоро ќе го именува наследникот на Гарабаја.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено