Официјално е! Најголемата македонска надеж во авто-мото спортот, Стефан Тренески, го направи клучниот чекор кон врвот. Младиот возач потпиша договор за цела (full-time) сезона во F4 CEZ шампионатот за 2026 година, приклучувајќи се на тимот JMT Racing Engineering.
Ова е кулминација на неверојатната работа на Тренески. Како што веќе пишувавме во нашата приказна за него, тој го следи „рецептот на Верстапен“ , а оваа шанса ја заслужи откако стана шампион на F4 CEZ Академијата.
Тој веќе ги имаше своите први настапи во 2025 на патеките во Словачка и Брно, каде покажа импресивна брзина , а истовремено заврши и како трет во генерален пласман во Twingo Cup.
Тимот: „Нè импресионира неговиот став“
Од JMT Engineering, кои се партнери на Ф4 Академијата, не штедеа пофалби за Тренески. Тие се импресионирани не само од неговата брзина, туку и од неговиот пристап по тестовите во Словачка и Мост.
Томаш Пелешка од тимот изјави: „Имавме шанса да тестираме со него летово… и ни остави одличен впечаток. Не само поради времето по круг, туку поради неговиот целокупен став, техничката љубопитност и подготвеноста да ги слуша советите на инженерите“.
Тие се уверени дека Тренески брзо ќе се адаптира и очекуваат борба во топ 10, а „со малку среќа, дури и враќање на подиумот“.
Самиот Стефан Тренески потврди дека е подготвен за предизвикот: „Работам напорно за да ја понудам најдобрата верзија од себеси на тимот и да постигнеме успех во мојата дебитантска сезона. Голема благодарност до F4 CEZ Академијата што го овозможи моето патување“.
Патот од симулаторот до вистинската патека сега влегува во својата најважна, целосна сезона. Со нетрпение чекаме да го видиме на патеките во 2026!



