Охрид во транс: Лазаров и Алкалоид паднаа покрај езерото!

Објавено:

Градот под Самоиловата тврдина вечерва „гореше“! Ракометарите на ГРК Охрид одиграа маестрално и со 28-24 го совладаа тимот на Кирил Лазаров, покажувајќи дека оваа сезона се борат за врвот!

Од првиот свиреж се виде дека „рибарите“ имаат поинаква енергија, брзи во транзицијата, цврсти во одбраната и немилосрдни во нападот. Тилен Стрмљан беше во вистинско „огнено“ расположение со 11 погодоци, а Анте Иванковиќ го следеше со седум, додека гостинските голмани Галевски и Кизиќ немаа решение и забележаа само три одбрани за целиот меч!

Охрид набрзо се одлепи од резултатската рамнотежа и ја отвори вечерта со серија која го замолкна Алкалоид. На полувреме резултатот беше 17-11, а салата во Охрид експлодираше. Ројевиќ маестрално го водеше мечот, тактички ги надитри „сино-белите“, кои и покрај обидот на браќата Митеви (Дамјан 6, Марко 5) не успеаја да се вратат во игра.

Извор: https://www.facebook.com/rkalkaloid

На стартот од вториот дел гостите се доближија на 20-17, но тоа беше само краток блесок. Иванковиќ и Савревски со брзи удари го вратија плусот, а Пилиповиќ меѓу стативите ги затвори сите дилеми. До крајот – само шоу и аплауз за охридските „гладијатори“ кои славеа голема победа и сега се искачуваат меѓу водечките во Суперлигата.

За нив сега следува нов предизвик во езерското дерби со Струга, додека Алкалоид ќе се обиде да се врати во ритам на домашен терен против Тиквеш.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено