Пелистер прокоцка плус 4 и загуби од „фенерџијата“ Загреб!

Објавено:

Еурофарм Пелистер ја заврши годината во Лигата на шампионите со горчлив пораз на гостувањето кај Загреб со 27-23. Иако Битолчани имаа фантастичен почеток и водство од четири гола, дефанзивниот колапс и очајната реализација во второто полувреме значеа минимални шанси за пласман во осминафиналето.

За хрватскиот тим, ова се првите бодови сезонава во елитата, со што Пелистер ја пропушти златната шанса да се одлепи на табелата.

Фантастичен почеток, па целосен пад

Тренерот Рубен Гарабаја го започна мечот со Саид Хаидарирад меѓу стативите, што се покажа како одличен потег на стартот. Пелистер тргна фуриозно, а Кузмановски и Видомски беа незапирливи. По само десет минути игра, Битолчани водеа со убедливи 1-5, принудувајќи го домашниот стратег Ненад Шоштариќ на ран тајм-аут.

Сепак, предноста почна полека да се топи. Загреб, предводен од расположениот Филип Главаш, направи серија и израмни на 7-7, а на пауза домаќините заминаа со водство од 14-12, благодарение на голот на Чавар во последните секунди.

Мештриќ „заклучи“, Битолчани се загубија

Во вториот дел, Гарабаја го внесе во игра Никола Митревски, но ниту тоа не го смени моментумот. Пелистер влезе во серија технички грешки и промашени зицери, а дебитантот на голот на Загреб, Мештриќ, правеше чуда.

Загреб првпат поведе со четири разлика (17-13), а набргу предноста порасна и на убедливи 19-13. Пелистер не искористи ниту ситуација со играч повеќе за да се врати во мечот. На крајот, домаќините рутински ја приведоа средбата до сигурни 27-23.

Кузмановски осамен, Главаш незапирлив

Најсветла точка кај македонскиот шампион беше Филип Кузмановски со седум голови, но немаше соодветна поддршка од соиграчите. На спротивната страна, Филип Главаш беше брилијантен со десет погодоци, додека Мештриќ забележа дури 11 интервенции во второто полувреме.

По десет кола, Пелистер останува на седум бода на седмото место. Лигата на шампионите паузира два месеци, а следен предизвик за битолчани во новата година ќе биде Висла Плок.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено