Пијастри е крал на Катар: Пол-позиција за Австралиецот, Норис пропушти шанса за мат, Верстапен демне од трето место!

Објавено:

Оскар Пијастри потврди дека патеката „Лусаил“ му лежи совршено! По победата во Спринтот, младиот Австралиец продолжи да доминира и освои клучна пол-позиција за Големата награда на Катар, спречувајќи го својот тимски колега Ландо Норис да го започне својот потенцијално шампионски ден од првото место.

Трите претенденти за титулата се наредени еден зад друг: Пијастри прв, Норис втор, а Макс Верстапен трет. Сцената за неделната драма е совршено поставена.

Извор: https://x.com/F1

Грешката на Норис го отвори патот

Ландо Норис, кој знае дека победа во недела ќе му ја донесе првата шампионска титула, беше најбрз по првите обиди во Q3. Меѓутоа, сесијата беше накратко прекината поради бизарен инцидент на Карлос Сајнц (Вилијамс), кој излезе на патеката со заштитна налепница на гумата, која падна на асфалтот и предизвика црвено знаме.

По рестартирањето, Норис тргна силно, но направи грешка и отиде широко во свиокот број 2, по што мораше да го прекине кругот. Тоа му ја отвори вратата на Пијастри. Австралиецот извозе извонреден круг од 1:19.387, што беше за 0.108 секунди побрзо од Британецот.

Верстапен, кој мора да заврши пред Норис за да ја однесе битката за титулата во последното коло во Абу Даби, заостана нешто повеќе од една десетинка и ќе стартува од третата позиција.

Хамилтон и Ферари во агонија, сјаен Антонели

Додека Мекрален слави, во гаражата на Ферари владее очај. Луис Хамилтон трет пат по ред е елиминиран уште во првиот дел од квалификациите (Q1). Седумкратниот шампион не може да се пронајде во црвениот болид и ќе стартува од дното, заедно со Јуки Цунода и Естебан Окон.

Од друга страна, младиот Кими Антонели во Мерцедес продолжува да импресионира. Тој заврши петти, веднаш зад својот колега Џорџ Расел, а пред Исак Хаџар и Карлос Саинц. Топ 10 ги комплетираа Фернандо Алонсо, Пјер Гасли и Шарл Леклер, кој имаше среќа што воопшто влезе во Q3 по тешкиот викенд.

Пјастри по квалификациите беше смирен: „Сè функционираше одлично цел викенд. Ако нешто не е расипано, не го поправај! Тимот заврши одлична работа.“

Трката се вози во недела, а влогот е најголем можен – шампионска титула или продолжување на драмата до Абу Даби.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено