РК Вардар 1961 со победа ја започна својата европска сезона, но дуелот против Сесвете (34:29) беше сè само не лесен. По натпреварот, тренерите на двата тима, Иван Чупиќ и Игор Вори, ги споделија своите импресии, согласувајќи се во едно: ова беше вистински, борбен европски натпревар.
Чупиќ: “Покажавме карактер, само двата бода се важни”
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, беше задоволен од победата, но и реален за осцилациите во играта. “Ќе издвојам два сегменти. Прво, влеговме многу агресивно и добро трчавме во транзиција. Сепак, потоа имавме голем пад”, изјави Чупиќ. “Отворивме добро и во вториот дел, поведовме со 21:15, но потоа следуваа осум тешки и бавни минути. Не се снајдовме веднаш на нивната’пет-еден’ одбрана.”
Сепак, за хрватскиот стратег, најважен е карактерот што тимот го покажал во клучните моменти. “Откако Сесвете се врати на 21:21, моите играчи покажаа карактер. Со добра одбрана и добар голман, повторно се одлепивме и го трасиравме патот до победата. Секој почеток е тежок. На крајот, се бројат само двата бода и сè друго се заборава”, заклучи Чупиќ.
Хориха: “Ги видовме своите грешки”
Најефикасниот играч на натпреварот, Дмитро Хориха, кој постигна 7 гола, смета дека овој натпревар е добра лекција за тимот. “Ова беше добар натпревар за нас. Сесвете ни покажа каде имаме грешки и на што мора да работиме повеќе. Играта во Европа е сосема различна од домашното првенство и мора да бидеме подготвени”, изјави Хориха.
Вори: “Влеговме со преголем респект, ова е скапа школа“
Од друга страна, тренерот на Сесвете и легенда на хрватскиот ракомет, Игор Вори, призна дека неговиот тим влегол со преголема почит кон Вардар. “Ни се случува истата ситуација како и минатата година. Влегуваме во мечот со премногу респект кон Вардар. Сепак, овие млади играчи покажаа голем карактер, се вративме двапати од голема негатива”, изјави Вори.
“Овој натпревар за нас е голема школа која многу скапо се плаќa. Главниот проблем дојде по 40-тата минута, кога ние паднавме, а Вардар продолжи во ист ритам. Вардар има неверојатна бековска линија и ги казни сите наши грешки. Заслужено победија, иако мислам дека разликата на крајот е превисока”, заврши Вори.