Само четири дена откако јавноста со воодушевување ја поздрави веста за неговото враќање во националниот тим по две години пауза, искусниот Дејан Манасков ја шокираше Македонија. Со отворено писмо до јавноста, крилото на Еурофарм Пелистер објави дека нема да се појави на претстојниот собир и нема да настапува за репрезентацијата.
Како причина, Манасков не наведе ниту повреда, ниту приватни обврски, туку директно посочи дека неговата одлука е конечна поради нарушените односи со селекторот Кирил Лазаров.
Манасков: “Македонија премногу лесно се откажа од мене”
Во своето обраќање, Манасков беше директен и емотивен, истакнувајќи дека по 11 години во дресот на Македонија, се чувствува неправедно запоставен во изминатиот период.
“Би сакал да ја информирам цела македонска јавност дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација”, напиша Манасков.
“Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последниве две години неправедно бев неповикан. После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука.”
Јавноста поделена: Суета или принципиелност?
Оваа одлука предизвика лавина од коментари во ракометната јавност, која е длабоко поделена околу тоа чија е вината и дали одлуката на Манасков е исправна.
Од една страна се оние кои го поддржуваат, сметајќи дека тој покажува карактер и принципиелност. “Дефинитивно треба да одбие доколку бил неправедно изоставен поради каприц на селекторот”, “Човек треба да има карактер и образ”, “Браво за Дејан, вака повеќе ќе ѝ помогне на репрезентацијата отколку да има раскол во неа”, се дел од коментарите за поддршка.
Од друга страна, многумина сметаат дека националниот дрес е светост и дека личните односи не смеат да бидат пречка. “Кога се работи за национален тим, суетите мора да се на страна”, “Лазаров не го вика дома на гости, го вика да ги брани боите на Македонија”, “Кирил Лазаров не е македонската репрезентација, тој е само селектор. Ако е патриот, треба со гордост да настапува”, гласат реакциите на оние кои не се согласуваат со потегот на Манасков.
Останува фактот дека Македонија ќе биде без еден од своите најискусни играчи на претстојните пријателски натпревари против Јапонија, а овој јавен “раскол” доаѓа во најлош можен момент, непосредно пред подготовките за Европското првенство.


