Руне крена аларм за нехуманите услови: “Сакате ли да умреме на терен?”

Објавено:

Данскиот тенисер, Холгер Руне, денес во драматичен меч го совлада Французинот Мпетши Перикард со 6-4, 6-7(7), 6-3 за влез во четвртфиналето на турнирот во Шангај.

После победата тој на прес-конференцијата го опиша турнирот како “брутален” и повика АТП итно да воведе правила како оние на Грен слемовите.

“Мислам дека секој играч би се согласил дека ни треба вакво правило”, изјави Рунe. “Можеме да издржиме многу, физички и ментално сме силни, но секогаш има граница. Здравјето е најважно. Мораме да преживееме”.

Руне мораше да побара медицински тајм-аут за време на мечот против Хумбер, а тој не е единствениот погоден. Каспер Руд, Давид Гофан, Томаш Махач, Теренс Атман, Хамад Меџедовиќ и домашниот Ву Јибинг веќе се повлекоа поради топлината и влошени услови.

АТП потврди дека “сигурноста на играчите е највисок приоритет” и дека размислува за воведување официјална “полиса за жештина”. Во моментов, одлуките за прекин или одложување на мечеви поради временски услови ги носи надзорникот на турнирот, во координација со медицинските тимови и локалните власти.

“Се спроведуваат неколку мерки за заштита во случаи на екстремна топлина”, стои во соопштението на АТП. “Темата е под активна ревизија и се разгледуваат дополнителни чекори во консултација со играчи, турнири и медицински експерти”.

Шангајскиот мастерс, кој важи за еден од технички најсовршените турнири во Азија, годинава се претвори во тест за издржливост. Покрај Руне, и Новак Ѓоковиќ едвај го издржа својот меч против Јаник Ханфман, при што дури поврати на клупата меѓу гејмовите, додека актуелниот шампион Јаник Синер мораше да се откаже во третото коло.

Со брзина на теренот што драстично се намали од минатата година и невообичаено висока влажност, Шангај го покажа колку тенисот може да биде опасен во екстремни услови.

“Не бараме привилегии”, заврши Руне. “Само сакаме фер услови и шанса да го завршиме мечот живи”.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено