Белоруската тенисерка и актуелна број 1 во светот остана непобедена на турнирот во Вухан, запишувајќи ја својата 18-та победа во низа, откако со пресврт ја совлада словачката тенисерка Ребека Срмкова со 4-6, 6-3, 6-1.
Тоа беше нејзин прв настап по триумфот на УС Опен, што беше четврти Грен слем во нејзината кариера. Иако почна бавно, откако го загуби првиот сет, Арина ја врати препознатливата енергија и агресија, па повторно го претвори теренот во Вухан во своја сцена.
Турнирот во Кина е специјално место во нејзината кариера: токму таму во 2018 година го освои својот прв ВТА 1000 трофеј. Оттогаш, никој не успеал да ја победи таму. Со денешниот триумф, нејзината низа во Вухан е 18-0, што е најдолга победничка серија на еден турнир уште од времето кога Каролин Вознијацки победи на 20 последователни меча во Њу Хејвен меѓу 2008 и 2012 година.
Back at it 💪@SabalenkaA returns to the Round of 16 in Wuhan with a 4-6, 6-3, 6-1 victory against Sramkova.#WuhanOpen pic.twitter.com/0C7xlZLXN8
— wta (@WTA) October 8, 2025
Срмкова, пак, имаше свој мал момент на историја. До овој меч и таа беше “непобедена” во Вухан, со само една одиграна победа во првото коло против Ана Калинскаја. Но Сабаленка е друго ниво и сила што тешко се запира.
Во следното коло, Сабаленка ја очекува Лиудмила Самсонова, која исто така направи пресврт против Софија Кенин (3-6, 6-3, 6-1). Белорусинката има предност од 3-2 во меѓусебните дуели, вклучувајќи две убедливи победи на турнирите во Синсинати 2024 и Индијан Велс 2025.
Вухан повторно ѝ припаѓа на Арина Сабаленка, а прашањето не е дали некој може да ја победи таму, туку дали воопшто некој ќе се осмели да се обиде.



