Трката за шампионатот продолжува во Абу Даби! Верстапен победи во Катар!

Објавено:

Битката за шампионската титула во Формула 1 ќе се решава во последниот викенд! Макс Верстапен постигна клучна победа на Големата награда на Катар, триумфирајќи пред Оскар Пијастри, додека лидерот во првенството, Ландо Норис, заврши на разочарувачкото четврто место и тоа во последниот круг откако го помина (или беше пропуштен) од Кими Антонели.

Разликата меѓу Норис и Верстапен сега е само 12 поени, а Пијастри заостанува 16 поени пред финалето во Абу Даби.

Стратегијата што го чинеше Мекларен

Неверојатната победа на Верстапен беше последица на два клучни фактори: рано безбедносно возило и задолжителното ограничување од максимум 25 круга по сет гуми поради проблеми со издржливоста на пневматиците на Пирели.

На стартот, Верстапен веднаш го прескокна Норис, но Пијастри ја задржа пол-позицијата. Клучниот момент се случи на седмиот круг, кога судирот меѓу Нико Хулкенберг и Пјер Гасли го активираше Безбедносното возило.

Верстапен реши да го искористи моментот и да влезе во боксот на промена на гуми, а по него следеа и сите останати тимови… освен Мекларен. Дали Мекларен се надеваа дека не сите ќе се одлучат за промена толку рано во трката или имаа надеж дека ќе успеат да постигнат на тој начин значително водство, не може да знаеме. Но, она што знаеме е дека оваа одлука ги чинеше скапо на крајот Верстапен, со еден ефикасно „заштеден“ пит-стоп, се најде во далеку подобра позиција.

Норис заглави зад Сајнц и Антонели

По вториот задолжителен влез во боксот, Пијастри сам донесе одлука за побрза промена на гумите, па излезе удобно на втората позиција и не беше загрозен. Но, Ландо Норис се најде во потешкотија, рестартирајќи ја трката зад Карлос Сајнц (Вилијамс) и Кими Антонели (Мерцедес).

Неможноста на Норис веднаш да ги престигне овие двајца го чинеше место на подиумот, кое би му донело комотна предност пред финалето. Дури во претпоследниот круг успеа да го премине Антонели, кој во тој момент излета широко, но Сајнц на третата позиција беше недостижен.

Карлос Сајнц го освои својот втор подиум за Вилијамс оваа сезона, додека Антонели со своето петто место му донесе важни поени на Мерцедес.

Хаос во позадина

Трката донесе и хаос во позадина. Исак Хаџар беше на сигурно шесто место, но дупната гума три круга пред крајот го исфрли од поени. Луис Хамилтон уште еднаш имаше мачен викенд, завршувајќи дури на 12-то место.

Верстапен беше презадоволен од својата седма победа сезонава: „Ова беше неверојатна трка за нас. Донесовме паметна одлука како тим да влеземе во боксот под Безбедносното возило. Многу сум среќен што победив и останувам во игра до самиот крај“.

Сега, по 56 круга драма во пустината, Формула 1 се сели директно во Абу Даби, каде што ќе се одлучува кој ќе биде шампион за 2025 година. На Макс и Оскар ќе им биде потребна победа, но Норис ќе може да го освои својот прв шампионат и „само“ со третото место.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено