Вардар го започнува европскиот поход во Лигата на Европа!

Објавено:

Почнува второто по квалитет европско клупско натпреварување – ЕХФ Лигата на Европа. По многумина, ова е и највозбудливото континентално натпреварување, токму поради разновидноста на земјите и ракометните школи од кои доаѓаат 32 екипи, поделени во осум групи. Двете најдобри од секоја група ќе обезбедат пласман во ТОП 16 фазата.

Меѓу тимовите кои ќе ја претставуваат регијата се и пет претставници од просторите на поранешна Југославија: Вардар (Македонија), Слован (Словенија), Партизан (Србија), Нексe (Хрватска) и Сесвете (Хрватска).

Македонскиот вицепрвак Вардар 1961 вечерва го отвора својот настап во новата сезона од ЕХФ Лигата на Европа, и тоа на домашен терен против хрватскиот тим Сесвете. Атмосферата во редовите на “црвено-црните” е позитивна, а очекувањата високи.

Извор: https://www.facebook.com/rkvardar

На официјалната прес-конференција, тренерот Иван Чупиќ порача дека Вардар оди чекор по чекор, но со јасна цел: да стигне што подалеку во Европа.

“Вардар секогаш има победнички аспирации, без разлика каде игра. Ова е клуб со голема историја и знаеме дека мора да испорачаме резултат. Сесвете е млад и борбен тим, но ние играме дома, пред нашата публика и тоа мора да биде наша сила”, изјави Чупиќ.

Капитенот Гоце Георгиевски додаде: “Играме дома, сме фаворити и мора да го покажеме тоа на терен. Имаме одличен тренинг процес, голема мотивација и сакаме да ја започнеме Европа со победа. Ги повикувам навивачите да дојдат и да не бодрат – заедно да ја отвориме оваа сезона на вистински начин!”.

Во групата Ф, покрај Сесвете, Вардар ќе се соочи и со францускиот Тулуз и шведскиот Кристијанштад, група која ветува борбени и неизвесни натпревари.

Билети за вечерашниот натпревар можат да се купат онлајн и на билетарницата во СЦ “Јане Сандански”, а натпреварот започнува во 18:45 часот.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено