Вардар 1961 оди како лидер во следната фаза од Европската лига, откако во Загреб ги прегази Сесвете со убедливи 38-24, меч во кој „црвено-црните“ доминираа буквално од првиот напад до последниот свиреж.
Екипата на Иван Чупиќ одигра можеби најзрело и најмоќно издание сезонава. Вардар одамна не изгледал толку сигурно, а раниот ритам што го наметна Митровиќ во нападот ја отвори вратата за рана и стабилна предност. По десет минути веќе беше 9-4, а Сесвете немаше одговор ниту за темпото, ниту за агресивните решенија на македонскиот шампион.
Како што течеше полувремето, разликата само растеше. Вардар стигна до 19-9, а завршницата од првиот дел ја затвори со високи 23-12, со што мечот практично беше решен уште пред пауза. Во второто полувреме сценариото беше јасно – рутина, ротации, контрола на темпото и затворање на групата од првата позиција.
Урош Митровиќ беше најрасположен со седум гола, Виктор Јанковски додаде шест, а Јака Малус пет. Голманскиот тандем Валах – Гогов собра вкупно 15 одбрани, доволно за Сесвете да остане без шанса за камбек. Кај домашните, Думенчиќ постигна пет погодоци.
Вардар со ова го заверува првото место во групата и чекори во главната рунда со максимална самодоверба. Последниот меч во групата, против француски Тулуз во СЦ „Јане Сандански“, нема да носи резултатски притисок, но ќе биде шанса за уште едно силно издание пред домашната публика.



