Ракометарите на Вардар 1961 го доживеаја првиот европски пораз оваа сезона, и тоа на најболниот можен начин. Во вистинска трилер-драма во Шведска, „црвено-црните“ загубија од Кристијанштад со 32-31, откако имаа напад за победа, промашија чиста шанса, и беа казнети буквално во последниот момент.
Избраниците на Иван Чупиќ можат само да жалат, бидејќи одиграа бледо прво полувреме полно со технички грешки, што им овозможи на домаќините да водат со 14-11 на паузата.
18 одбрани на Валах и луд финиш
Во вториот дел, сликата беше сосема поинаква. Предводени од апсолутно фантастичниот Милош Валах на голот, кој натпреварот го заврши со неверојатни 18 одбрани, Вардар заигра многу поагресивно во одбраната.
Дмитро Хориха (8 гола), Јака Малус (6) и Николас Боно (6) почнаа да ја топат предноста на Швеѓаните, што доведе до луда завршница.
Вистинскиот трилер се случи во последните пет минути. Кристијанштад водеше со 29-26, кога Чупиќ побара тајм-аут. Вардар одговори со неверојатна серија од 3-0 (два гола на Хориха, еден на Митровиќ) за 29-29 во 57. минута.
Валах потоа одбрани клучен пенал, а Хориха во следниот напад донесе водство од 29-30!
Швеѓаните израмнија од пенал (30-30), но незадржливиот Хориха повторно погоди за 30-31. Домаќините пак израмнија на 31-31.
Промашен зицер за победа
И тогаш, клучниот момент: Вардар имаше напад за водство (и најмалку бод). Топката дојде до Ќосевски на крило, кој беше во чиста позиција (зицер), но ПРОМАШИ.
На Кристијанштад му останаа 26 секунди за последен напад. Швеѓаните успеаја да се организираат и буквално во последните секунди го матираа Валах за конечни 32-31 и голема победа.
Кај Вардар, Хориха беше најефикасен со 8 гола, додека Малус и Боно имаа по 6. Кај домаќините, Аксел Мансон беше нерешлива енигма со дури 13 гола.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



