Вардар се враќа од Франција со нова победа и полн плен. Македонскиот шампион го совлада Тулуз со 28-26 и ја потврди својата европска амбиција со втор триумф во групната фаза од Лигата на Европа.
“Црвено-црните” одиграа блескави први 30 минути во кои одбраната беше извонредна, нападот прецизен, а домашниот тренер беше принуден двапати да бара тајмаут уште пред паузата. Вардар поведе со 6-1 уште во стартот, во 20-та минута беше 12-6, а на полувреме имаше убедливи 18-11.
На почетокот на вториот дел, предноста стигна до плус 9 (21-12) и сè изгледаше како рутинска вечер во Тулуз. Но, тогаш нешто се прекина. Ритамот падна, концентрацијата исчезна, а домашните почувствуваа шанса за пресврт. Во само петнаесет минути, разликата се стопи и резултатот дојде до 23-22 во 47-та минута и нова неизвесност.
Во последните пет минути Вардар имаше 27-24 и играч повеќе, но Тулуз не се предаваше. Боно донесе воздух со гол за 28-24, а Гогов со клучна одбрана во финишот ја задржа предноста.
Кога домашните притиснаа со пресинг, Вардар ја задржа смиреноста и ги затвори сите линии. Последните секунди беа чиста драма со пасивна игра, изгубена топка, но и блесок на Гогов кој го одби обидот за нов шок.
Јака Малус беше најдобар стрелец со 6 гола, Хориха додаде 4, а Боно, Јанковски и Митровиќ по 3. На голот, Милош Валах имаше серија важни интервенции, а Васил Гогов ја потврди победата со три големи одбрани во завршницата.
Со овој триумф, Вардар има два од два во Европската лига, со што покажа дека дури и кога игра со осцилации, има карактер да победи.



