Кога се чинеше дека Еурофарм Пелистер сигурно чекори кон победа со комотни 23-16 во 40. минута, ракометарите на Алкалоид режираа епско враќање кое ќе се прераскажува. Избраниците на Кире Лазаров се вратија од „мртвите“ и извлекоа херојско реми од 26-26 во салата „Боро Чурлевски“.
Како се „стопија“ седум гола разлика?
Битолчани доминираа во првиот дел и почетокот на вториот, предводени од расположениот Дејан Манасков (9 гола) и голманот Никола Митревски (13 одбрани). Но, Алкалоид не се предаде. Чекор по чекор, предводени од Марко Стојковиќ (8 гола) и Игор Ѓоргиев (6 гола), гостите ја топеа предноста.
Драмата кулминираше во последната минута. Ѓоргиев израмни на 26-26 на 27 секунди до крајот. Пелистер доби шанса за победа преку пенал во последната секунда, откако беше фаулиран Пешевски.
Битолчанецот ја замолкна Битола
Одговорноста ја презеде Богдан Радивојевиќ, но на голот на Алкалоид застана младиот Иван Галевски. Родениот битолчанец ја доби психолошката војна, го прочита ударот на Србинот и донесе злато вреден бод за својот тим!
Со ова реми, Еурофарм Пелистер останува на второто место, но сега заостанува 4 бода зад лидерот Вардар.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



