Македонската ракометна репрезентација е поразена од Јапонија со 31-32 во вториот контролен натпревар од ЕХФ неделата. Во полната сала во Куманово, публиката виде вистински ракометен спектакл, кој на крајот им припадна на гостите во драматичен финиш.
Ова беше втора проверка за тимот на Кирил Лазаров пред Европското првенство, по првиот меч (од затворен тип) во Скопје, кој Македонија го доби со 29-27.
Натпреварот беше полн со осцилации. Македонија поведе со 6-4, но брзите Јапонци направија пресврт (10-13). Нашите ракометари одговорија со импресивна серија од 6-0 за водство од 16-13, но на полувреме се замина со минимални 17-16.
Во вториот дел, Јапонија константно го одржуваше ритамот и на десет минути до крајот имаше предност од 25-28. Македонија успеа да се врати и да израмни (29-29) , но во клучните моменти гостите беа посконцентрирани и поведоа со 30-32.
Во последните напади, Македонија не успеа да стигне до реми. Цветан Џонов промаши од крилна позиција, а ударот на Филип Кузмановски по истекот на времето заврши во блокот.
Најефикасен во нашиот тим беше Мартин Серафимов со седум гола, додека Мартин Томовски на голот запиша 12 одбрани. Кај Јапонија, се истакна Еномото со седум погодоци.
Селекторот Кирил Лазаров по мечот истакна дека ова е добра проверка и покрај поразот, потенцирајќи дека недостасувале неколку стандардни играчи.
„Имавме екстра квалитетен противник за тестирање. Јапонците покажаа дека играат речиси совршен ракомет,“ изјави Лазаров, додавајќи: „Некогаш можеби е добро да загубиме, ете во подготовки, за потоа да влеземе мотивирани во подготоките за ЕП и да го споменуваме поразот“.


