Македонскиот претставник во Европската лига на ЕХФ, РК Вардар 1961, утревечер (вторник, 18 ноември) го игра клучниот натпревар од четвртото коло во групната фаза. Во СЦ „Јане Сандански“ (18:45 часот) пристигнува шведски Кристијанштад, во директен дуел за првото место во групата.
Ова е реванш за „црвено-црните“ по минималниот пораз во Шведска минатата недела. Во моментов, Кристијанштад е лидер со 5 бода, додека Вардар е веднаш зад нив со 4 бода.
Чупиќ: „Клучот е во дисциплината и помалку грешки“
На официјалната прес-конференција, тренерот Иван Чупиќ истакна дека анализата по првиот дуел јасно ги покажала причините за поразот, но и патот до победа на домашен терен.
„Нè чека реванш. Иако немавме многу време, направивме добри тренинзи и детална анализа,“ изјави Чупиќ. Тој посочи дека нападот „6 на 6“ функционирал добро, но дека скандинавските екипи казнуваат недисциплина.
„Имавме многу технички грешки во транзиција и во трчањето, токму тоа го казнуваат скандинавските екипи. Една од главните задачи е поголема дисциплина во трчањето. Пред нашата публика мора да важиме за фаворит и да одиграме за победа“.
Чупиќ додаде дека очекува Вардар да биде во најдобра форма по зимските подготовки, но дека свеста за дресот што го носи тимот е јасна: „Свесен сум каде сум дојден – Вардар секогаш мора да победува.“

Гогов: „Ќе дадеме максимум за првото место“
Оптимизам владее и кај играчите. Голманот Васил Гогов порача дека тимот е решен да ги коригира грешките и да одговори на предизвикот.
„Во Шведска направивме многу пропусти. Овие денови работевме да ги сведеме на минимум. Ќе дадеме максимум за да се вратиме на првото место во групата“, изјави Гогов.
„Јане Сандански“ се подготвува за дерби
Повикот за поддршка од трибините доаѓа и од најверните навивачи, кои најавија масовно присуство и гласна поддршка за дербито за првото место.
Натпреварот се игра утре (вторник, 18 ноември) со почеток во 18:45 часот. Билетите се веќе во продажба онлајн преку TicketX, како и на билетарницата на СЦ „Јане Сандански“ на денот на натпреварот.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



