10.8 C
Skopje

Историјата на сите клубови од Премиер лигата: Лидс Јунајтед

Објавено:

Полека, но сигурно, стигнавме до втората половина од нашиот серијал за “Историјата на сите клубови од Премиер лигата”, а овој пат приказната ја продолжуваме со онаа на Лидс Јунајтед.

Фениксот на англискиот фудбал: Од скандали и пропаѓање до раѓање на нов обединет клуб

Во градот Лидс, крајот на 19-от век бил обележан со љубовта кон рагбито, а не фудбалот. Иако спортот со топка веќе цветал во соседниот Шефилд, обидите да се создаде фудбалска база во Лидс наидувале на слаб интерес. Првата позначајна искра се појавила во 1877 година, кога членови на локалната Фудбалска асоцијација од Шефилд одиграле ревијален меч на теренот на Холбек Рагби Клуб, но без траен ефект.

Дури кон крајот на векот, неколку ентузијасти почнале да го градат фудбалот во градот. Еден од нив бил клубот Ханслет, кој во 1899 година создал фудбалска секција, составена претежно од работници во локалните фабрики за челик. Тимот, познат како “The Twinklers”, бил краткотраен, а по неговото згаснување, останала идејата дека Лидс може да поддржи вистински професионален клуб.

Извор: https://www.footballhistory.org

Во 1904 година таа идеја станала реалност со раѓањето на фудбалскиот клуб Лидс Сити. Тимот го презел теренот на поранешниот Холбек Рагби Клуб, на падините на Бистон Хил, и таму го основал својот дом “Еланд Роуд”. Новиот клуб играл во сини и бели дресови и брзо го зазел своето место во Вест Јоркшир Лигата. Со тек на времето, Лидс Сити станал дел од Фудбалската Лига и дури го ангажирал славниот Херберт Чепмен како тренер во 1912 година.

Но, судбината била сурова. По Првата светска војна, клубот бил вклучен во скандал со нелегални плаќања кон играчи. Играчот Чарли Копленд ја пријавил ситуацијата во ФА, а клубот одбил да ги отвори своите книги. Таа ароганција им го запечатила крајот, па во октомври 1919 година, Лидс Сити бил исфрлен од лигата и распуштен. Нивните играчи биле продадени на аукција во хотелот Метропол во Лидс.

Но, љубовта кон фудбалот не згаснала. Веднаш по аукцијата, над 1.000 навивачи се собрале во “Салем Хол” и заедно со дел од поранешните играчи и директори на Сити формирале нов клуб. Така, на 17 октомври 1919 година, од пепелта на Лидс Сити се родил Лидс Јунајтед.

Новоформираниот клуб го задржал домот на “Еланд Роуд” и наскоро бил примен во Мидленд Лигата. Старите “граѓани” станале “обединети”. Низ годините, тимот менувал имиџ и идентитет. Прво биле познати како “Пауните” (The Peacocks), според пабот “The Old Peacock” што се наоѓал спроти стадионот, а потоа како “Белите” (The Whites),благодарение на легендарната одлука на Дон Реви во 1962 година да ги облече играчите во целосно бела опрема, инспириран од Реал Мадрид.

Извор: https://www.leedsunited.com

Историјата на грбот на клубот е подеднакво богата. Од градскиот грб со бели бувови и златно руно, преку симболичниот “смајли беџ” во 1970-тите, па сè до денешниот грб со белата ружа на Јоркшир и легендарниот натпис “LUFC” – секој период носел свој идентитет и симболика.

Денес, Лидс Јунајтед останува еден од најпознатите клубови во англиската фудбалска историја, симбол на градот и неговата борбена, работничка душа. Од клуб уништен од скандал, до тим кој подоцна го освојува врвот на англискиот фудбал, приказната за Лидс е приказна за повторното раѓање, упорност и вера во обединета сила.

Извор: https://www.stadiumguide.com

Доколку ви се допадна оваа спортска приказна, прочитајте ги и останатите од нашиот серијал:

Арсенал
Астон Вила
Борнмут
Брентфорд
Брајтон
Барнли
Челси
Кристал Палас
Евертон
Фулам

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено