12.8 C
Skopje

Една победа до врвот: Синер ќе игра финале во Париз со Оже-Алијасим

Објавено:

Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим денес се пласираше на финалето на Мастерс турнирот во Париз откако во тежок меч се избори за победа над Казахстанецот Александер Бублик.

Младиот тенисер оваа сезона игра одлично, па успеа да дојде до своето прво финале во Париз, откако победи со 7(7)-6(3), 6-4 во сетови. Но, сега пред него стои најголемиот предизвик, расположениот Јаник Синер.

Италијанецот изгледа одлучно да се врати на првата позиција на АТП листата, а денес изгледаше моќно и доминантно во дуелот со минатогодишниот победник Александер Зверев. Доминацијата на Синер до некаде беше потпомогната и од физичката изнемоштеност на Зверев, кој денес не изгледаше во свој елемент на теренот. Синер после победата сподели поддршка за својот денешен ривал: “Сите видовме дека тој не беше 100% во форма. Се надевам дека за брзо ќе се опорави”.

Тој го совлада Германецот со убедливи 6-0, 6-1 во сетови, за да дојде исто така до своето прво финале во Париз, но деветто на АТП Мастерс 1000 турнирите. Доколку го помине и Оже-Алијасим со иста одлучност, тогаш тој ќе се врати повторно на врвот на АТП листата, каде моментално се наоѓа Карлос Алкараз.

Откако Алкараз му го презеде епитетот за најдобар тенисер во светот на Синер по финалето на УС Опен, тој во една прилика изјави “има уште доста да се игра сезонава, па ќе видиме како ќе заврши”. И навистина така и излезе. Алкараз неочекувано изгуби уште на првиот настап во Париз, а Синер сега се најде во финалето, со што би можел да ги освои потребните поени за враќање на првата позиција.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено