„Keeping it up with the Macedonians“: Епизода ФФМ

Објавено:

Деновиве сме сведоци на скандал во македонската фудбалска репрезентација, кој ако речеме дека наликува на телевизиска „сапуница“ би било премалку, па повеќе би рекле дека наликува на евтино реално шоу. Но, и така некои станаа славни во светски рамки, па кои сме ние да судиме 🙂

Но, да се вратиме на фудбалот.

Како започна сè: Јас кажав, тој кажа!

Со речник што повеќе доликува на маалска собиранка, отколку на етаблирани спортски имиња, деновиве читаме како се „препукуваат“ сегашното раководство на ФФМ, со поранешниот селектор на Македонија, Игор Ангеловски – Мрме.

Целата драма настана со промената на Благоја Милевски, и назначувањето на Гоце Седлоски за селектор, тренер кој ќе остане да раководи и со фудбалскиот клуб Вардар. Тогаш се јави Мрме, кој беше еден од кандидатите за „жешкото столче“, обвинувајќи дека изборот на селектор е нерегуларен.

На тоа му врати поранешниот капитен Горан Пандев, како и тренерот на голманите Јовчев, а свое кратко мислење на вчерашниот собир со новинарите даде и претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

За да не должиме многу со кој што кажа (тие вести веќе можете да ги најдете на нашата страна… за жал), ние ќе се задржиме на суштината, а тоа е Македонија на Светско првенство.

Извор: https://eticket.ffm.mk/

Дали беше потребен ваков чекор во овој момент?

Иако многумина се согласија дека требаше да дојде до промена на селекторската позиција после поразот во Велс, кој и самиот Омерагиќ призна дека бил кобен, малкумина размислуваа до што ќе доведе таа одлука пред она што е најважно за нас верните фанови, а тоа е баражот за Светското првенство.

Ние сме народ кој се одликува со силна жар и пасија, нешто што многупати се покажало како клучно за добивање на тешки битки, но сме и склони на големи очекувања и нереално согледување на ситуацијата.

Кога на чело на репрезентацијата дојде Боби Милевски, многумина забораваат дека тоа беше момент кога тогашниот капитен и моторот на тимот, Горан Пандев, замина во пензија. Како тоа да не беше доволно, и заменикот капитен Стефан Ристовски реши јавно да се откаже од репрезентацијата поради одлуката Милевски да седне на тренерската клупа. Но, дури и во таков момент, ние не видовме драма и скандали… Мирно, смирено, вредно се работеше со тимот, таков каков што остана.

Најсилните адути немаа никакви минутажи во своите клубови во тоа време, многу од играчите и немаа клубови. И ако сме реални, во таква ситуација повеќето би доживеале порази и пострашни од 7-1 и тоа во повеќе наврати, а Македонија на Светско ќе беше многу далечен сон. Но, Милевски успеа без многу јавна помпа и бури да нè доведе до два баражи за Светско првенство и првото место во групата во Лигата на нации. Да не го заборавиме и тој спектакуларен меч против Италија во Палермо.

Фотографии од приватна архива, Палермо 2022

Очигледно беше дека во последните неколку натпревари почна да опаѓа формата и тактиката, но дали можеби требаше да се дојде до покреативно решение во тој момент? Ние сме реални, а фактите се дека Милевски во последните мечеви направи грешки. Но, исто така сме реални дека ретко кој можеше да нè доведе до две години без пораз во услови во какви што беше репрезентацијата после Европското првенство. И покрај грешките на Милевски, баражот беше обезбеден, а опцијата остана на тоа дали ќе бидеме втори или трети во групата. Прашање е и дали доколку завршевме втори ќе добиевме полесни противници од овие сега во ждрепката. Тоа се прашања на кои никој не може да го даде точниот одговор отпосле.

Фокусот кон Данска: Приоритет или „хоби“?

Тука се наметнува едно суштинско прашање. Наместо да добиеме стратег кој секој ден, секој час, секој момент во овие преостанати денови до 26-ти март ќе ја анализира Данска, буквално барајќи ја „иглата во сеното“, нивните слаби страни и формата на играчите, ние добивме нешто друго. Добивме селектор кој, паралелно со националниот тим, ќе биде длабоко посветен на ФК Вардар: на подготовките за пролетната полусезона, на засилувања, на битката во ПМФЛ.

Постои реален страв кај јавноста дека во овој клучен период, репрезентативната функција може несвесно да добие третман на секундарна обврска или „хоби“, сè додека не завршат клупските обврски – време кога можеби ќе биде доцна за баражот. Се чини дека, за жал, како и во многу други сфери, се работи без долгорочен план и длабока анализа за тоа колку е тешко да се седи на две жешки столчиња истовремено.

Да не се разбереме погрешно, ние не го браниме Милевски, само прашуваме дали ова беше момент за ваква одлука и смена на Милевски со човек за кој се знаеше дека ќе бидат предизвикани реакции во јавноста? Сега наместо потребната смиреност, труд и мотивација пред дуелот со Данска, ние добивме реално шоу во кое секојдневно се обидуваме да држиме чекор со „кој на кого што му кажа“ и кој кого прислушувал на интерфон.

Или сега треба ние навивачите да зборавиме и на времињата кога Ангеловски и Пандев заедно нè радуваа со влезот на Европското првенство? Или успесите на Милевски со сите големи ривали? Зошто еднаш не се осврнавме сите на она што беше позитивно, како се радувавме како нација и како се направија големи сензации, што дури и светскиот „The Guardian“ пишуваше за големото македонско фудбалско чудо?

Кој губи, кој добива?

Во оваа „војна“ има само еден губитник – Македонија. Ние сме мала земја со голем сон – да ја видиме нашата земја на Светските првенства. Ништо не е невозможно, но ако ги видиме примерите од малите држави кои стигнаа до таму, едно е заедничко за сите нив. Тие сите заедно веруваа, сите заедно се бореа и сите заедно стигнаа до таму кадешто сакаме да бидеме и ние.

Дали Седлоски ќе биде добар или лош избор, времето ќе покаже. Но, дали неговото назначување во ваков сензитивен момент беше потребно? Ние не сме долгогодишни новинари, не се знаеме со луѓето „зад кулисите“… па, затоа не си ни зедовме за право да коментираме и да го одговориме ова прашање пред време.

Па, го направивме она кое сметавме дека е најпотребно, а тоа е да ја дадеме нашата поддршка во овој момент, а да почекаме да коментираме подоцна. Ние постоиме за да шириме убава спортска култура, за да мотивираме млади генерации да сакаат спорт и за да бидеме бедем на чистата љубов кон спортот.

Нашето место е на трибините, нашите билети ги купуваме сами за каде и да одиме да ги бодриме нашите момци. Ова го правиме од чиста љубов и не зависиме од никого. Ние дадовме и наши предлози претходно за играчи кои сметаме дека би требало да бидат повикани во нашиот серијал Досие Спортска Станица. Но, дали требаше да има можеби поголеми дебати во јавноста и во медиумите и за изборот на селектор? За тоа дали сега е време за ваков чекор или требаше да се остави човекот кој дојде до тука да си ја заврши задачата до крај пред да ја предаде палката на друг?

Дали требаше да се чека Мрме да ги изнесе работите? Дали не се знаеше каква реакција ќе се направи во јавноста со контраверзен избор како Седлоски кој моментално има функција во еден од најголемите фудбалски клубови во Македонија, Вардар?

Сега можеби смиреноста на Милевски и не изгледа така лошо, нели? Она за кое го критикуваа многумина дека немал став и жар во јавните обраќања, можеби беше токму она што ни е потребно? Да, Милевски не беше забавен како Мурињо или Гвардиола на пресови, но неговиот авторитет и тоа што требаше да го каже беше за во соблекувалната, а не за реално шоу пред публиката и медиумите. Дали ние реално во Македонија имавме во мометнов, во оваа ситуација во која што сме, подобар избор за селекторската позиција?

За жал, повторно на потешкиот начин ќе ги дознаеме одговорите на овие прашања, во време кога штетата е веќе направена.

Пофалби и критики

За работата на фудбалската федерација изминатава година, реално може да изнесеме генерално пофални зборови. Она што нас нè радува особено, е посветеноста на работата со децата и младите, воведувањето на ВАР технологијата и инвестирање во иднината на македонскиот спорт, затоа што токму таму и е суштината на градењето на една силна спортска нација.

Но, она што мора да го искритикуваме е реакцијата на изјавата на Игор Ангеловски – Мрме. Во моментов Мрме е човек кој е надвор од функцијата и може да кажува и пишува што сака, исто како што може да пишуваме ние или било кој друг. Она што не смееше да се дозволи е таков речник од челници на федерацијата кои треба да претставуваат пример за најмалите љубители на спортот.

Извор: https://www.ffm.mk/

Ако така може да се изразува еден „Гранде Пандев“, што останува да научат децата за спортската култура, за односите со другите и реакциите на нештата кои не ти се допаѓаат? Ниту нè интересира дали навредите биле „оправдани“, ниту дали се забавува широката народна публика.Ова не е реално шоу. ФФМ треба да претставува „Куќа на фудбалот“, столб и интегритет за идните генерации кои сакаме да прераснат во вистински репрезенти на македонскиот победнички дух.

Па затоа, упатуваме апел до претседателот на ФФМ, како и до целата федерација, да се размислува пред сè на младите во вакви ситуации, а потоа и на нас навивачите. Ние сакаме нашиот сон за Светско да живее, ние сакаме да се надеваме дека можеме. А, само со добри одлуки и заедништво може да стигнеме таму.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено