Историјата на сите клубови од Премиер лигата: Манчестер Јунајтед

Објавено:

Ако не беше кучето по име Мејџор, можеби Манчестер Јунајтед денес немаше да постои. Така барем вели легендата.

Почетоците: Њутон Хит и железничарите

Сè започнало во 1878 година, кога работниците од железничката компанија „Lancashire and Yorkshire Railway“ во населбата Њутон Хит одлучиле да формираат фудбалски клуб. Тимот го носел името Њутон Хит (Newton Heath LYR) и играл на отворено земјиште во близина на Норт Роуд. Носеле жолто-зелени дресови – боите на нивниот работодавач и биле познати како „Железничарите“ (The Railwaymen).

Во почетокот, играле пријателски натпревари против други железничарски тимови, а во 1892 година влегле во Фудбалската лига. Но, финансиските проблеми брзо почнале да ги прогонуваат. Клубот едвај преживувал, барајќи поддршка каде што ќе може, дури и од едно куче.

1878-1909 | Извор: https://www.manutd.com

Како едно куче го спаси клубот

Капитенот Хари Стафорд го користел своето куче Мејџор за собирање донации. На една ваква акција во 1901 година, кучето исчезнало и било пронајдено во паб во сопственост на локалниот бизнисмен Џон Хенри Дејвис. Кога Стафорд дошол да го побара, започнал разговор со Дејвис и успеал да го убеди да инвестира во клубот. Дејвис не само што вложил пари, туку го презел клубот под своја закрила и го реорганизирал од темел.

Во април 1902 година, со клубот пред банкрот, Дејвис решил време е за нов почеток со ново име и нов имиџ. Предлозите биле „Манчестер Централ“ и „Манчестер Селтик“, но на крај било избрано името Манчестер Јунајтед. Истовремено, клубот ги сменил боите, прво бели дресови со црн шорц, а потоа црвени дресови со бели шорцеви, комбинација што ќе стане една од најпрепознатливите во светот.

Подемот на „Црвените ѓаволи“

Во првите години на новиот век, под водство на Дејвис, клубот постепено се стабилизирал и напредувал. Во 1909 година го освоил ФА Купот, а една година подоцна се преселил на новиот дом „Олд Трафорд“, стадион купен за 60.000 фунти. Таму клубот ја започнал својата нова ера, која ќе биде прекината само од војната.

За време на Втората светска војна, Олд Трафорд бил погоден од германските бомбардирања како дел од таканаречениот Манчестер Блиц, нападот во 1941 година. Стадионот бил уништен, а клубот останал без дом.

Токму тогаш, се случил еден од најважните гестови во историјата на градот.

Извор: https://www.manutd.com

Како Манчестер Сити го спаси Јунајтед

Во моментот кога Јунајтед бил без стадион, градскиот ривал Манчестер Сити ја понудил својата арена „Мејн Роуд“ за користење. Од 1941 до 1949 година, Јунајтед ги играл своите домашни натпревари таму, плаќајќи кирија и процент од продажбата на билети. Овој потег му овозможил на клубот да преживее, да ја задржи својата публика и конечно да го обнови „Олд Трафорд“ по војната.

Интересно е што ова не бил првпат Сити индиректно да му помогне на својот сосед. Уште во 1928 година, Сити поднесол жалба до Фудбалската лига против основањето на трет клуб – Манчестер Централ, кој се заканувал да ја подели навивачката база и приходите. Жалбата била прифатена, апликацијата на Централ одбиена, а Јунајтед избегнал нов финансиски удар. (Повеќе за тоа можете да прочитате во текстот [Како Сити го спаси Јунајтед]).

Денес, иронично, ривалството меѓу двата клуба е едно од најжестоките во фудбалот, но минатото потсетува дека некогаш во Манчестер имало и солидарност, не само натпревар.

Новата ера: Басби Бејбс и црвените ѓаволи

По војната, клубот се издигнал под водство на Мет Басби, кој ја создал легендарната генерација наречена „Busby Babes“. Млади, талентирани и амбициозни, тие го донесоа модерниот стил на игра што ќе стане препознатлив за Јунајтед. Но трагедијата од Минхен во 1958 година, кога авионската несреќа одзеде животи на осум фудбалери, ја прекина нивната приказна.

Оттогаш, клубот се претвори во симбол на повторно раѓање. Подоцна, со Сер Алекс Фергусон, Јунајтед влезе во златната ера и стана глобална фудбалска империја.

Од железничките работници до глобален бренд, историјата на Манчестер Јунајтед е приказна за падови и воскреснувања, за опстанок и амбиција. И можеби најважно од сè – приказна за тоа како дури и најголемите ривали понекогаш можат да го спасат твоето постоење.

Извор: https://www.manutd.com

Уживавте во оваа приказна? Продолжете со читање на некоја од нашите претходни приказни од овој серијал!

Арсенал
Астон Вила
Борнмут
Брентфорд
Брајтон
Барнли
Челси
Кристал Палас
Евертон
Фулам
Лидс Јунајтед
Ливерпул
Манчестер Сити

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено