По месеци истражување, копање по онлајн архиви, враќање назад кон легенди, приказни, подеми и падови – ја заокружуваме нашиот фудбалски серијал: Историјата на секој клуб што денес игра во Премиер лигата.
Во 20-те епизоди ја поминавме историјата на англискиот фудбал: од клубови родени во челичарници, до клубови изградени врз универзитетска романтика; од имиња инспирирани од Шекспир; од падови до неверојатни пресврти.
Ова е нашата мала благодарница кон сите што го следеа серијалот и голем водич кон сите приказни ако некој дел ви недостига.
Подолу ќе најдете кратко интро за секој клуб и линк кон целата приказна.
Клуб по клуб: Кратки приказни и линкови
1. Арсенал – клуб роден во фабрика што ја измени англиската игра
Ако сите клубови во Премиер лигата имаат своја приказна за потекло, тогаш онаа на Арсенал е благо речено – контроверзна. Сè почнува во 1886 година, во срцето на индустрискиот Вулиџ, кога група работници од фабриката за оружје “Ројал Арсенал” решаваат да формираат фудбалски тим под името Дајл Сквер ФК. Работеле со челик, барут и механика, а викендите ги користеле за фудбал…

2. Астон Вила – Клубот кој ја роди англиската фудбалска лига
Секоја добра приказна во англискиот фудбал почнува со малку случајност и многу страст. За Астон Вила, сè започнува во Бирмингем во 1874 година. Но, не на стадион, туку во капела.
Група господа од часовите по веронаука во Капелата Веслијан, која се наоѓа на Вила Крос барале што да прават во зимските месеци, кога нивниот летен спорт, крикетот, бил во мирување. Некој предложил рагби, но една легендарна ноќ, под сјајот на улична ламба на Хитфилд Роуд, одлучиле поинаку: ќе играат фудбал…
3. Борнмут – приказна за малиот стадион со големи соништа
Сè започнало во крајот на 19-от век, во едно мало приморско место на југот на Англија каде фудбалот полека го освојувал секој агол. Градот Борнмут веќе имал свои тимови, локални фабрички екипи, како и клубот Борнмут ФК, познат под прекарот “Попис” (Poppies).
Но во 1899 година, група ентузијасти поврзани со Институтот Боском Сент Џон решиле да создадат нешто ново. Така се родил Боском ФК, младински клуб кој во првите години бил повеќе аматерски сон отколку вистинска сила…
4. Брајтон – од паб до модерна фудбалска бајка
На почетокот на 20-от век, фудбалот во Брајтон и Хоув бил приказна за постојани почетоци и брзи краеви. Првиот професионален клуб, Брајтон Јунајтед, бил формиран во 1897 година, но по само две сезони згаснал. Набргу потоа се појавил Брајтон и Хоув Рејнџерс, кој исто така имал краток век и исчезнал брзо од сцената.
Во тој круг на обиди и неуспеси се појавил човекот кој одбил да се откаже – Џон Џексон, поранешниот менаџер на Јунајтед…

5. Брендфорд – клубот спасен од љубовта на навивачите
Еднаш навреда, денес симбол на гордост. “Автобуската постојка од Ханслоу” – фраза со која противниците долго време се потсмеваа на Брентфорд, а која навивачите денес ја пеат со гордост на трибините. Но вистината е дека клубот навистина има длабоки, едноставни и искрени корени, роден од јавниот дух на заедницата и спасен од љубовта на навивачите. Ова е приказната за Брентфорд…
6. Барнли – од рагби клуб до историскиот Турф Мур
Неколку фудбалски клубови во Англија започнале како дел од други спортски здруженија, најчесто крикет клубови кои во зимскиот период барале нешто што ќе ги држи во форма. Но, приказната на Барнли е малку поинаква.
Во раните 1870-ти во градот постоел Барнли Роверс рагби клубот, но во 1882 година дел од членовите решиле дека е време да се направи промена. Фудбалот тогаш брзо растел во популарност, па на состанок во “Bull Hotel” било изгласано клубот да го замени рагбито со фудбал…
7. Челси – од стадион што требало да стане депо за јаглен до шампион
Во повеќето приказни од фудбалската историја, прво се раѓа тимот, а потоа се бара каде ќе игра. Но со Челси, работите започнале обратно.
На почетокот на 20-от век, браќата Џозеф и Гас Мирс, имотни инвеститори од западен Лондон, купиле земјиште кое претходно му припаѓало на клубот Лондон Атлетик. Првичната идеја не била фудбалска, сè додека локалниот бизнисмен Фредерик Паркер не го убедил Гас дека на тоа место мора да никне нешто поголемо…

8. Кристал Палас – од стакло и железо до црвена и сина боја
Роден од стакло и железо, клубот својата приказна ја започнува долго пред првиот навивачки крик на “Селхарст Парк”. Во 1851 година, под раководство на Сер Џозеф Пакстон, се издигна блескавата структура, изложбениот салон “The Crystal Palace”, гордоста на индустриска Британија и симбол на Големата изложба во Хајд Парк…
9. Евертон – клубот што го роди Ливерпул и приказната за тофињата, црквата и кулата
Пред да постои Ливерпул, на легендарниот терен на Енфилд трчаше друг клуб – Евертон. Да, токму така. Првиот тим што играл на Енфилд не бил “црвен”, туку “син”. А оваа приказна, како што е ред за еден од најстарите клубови во Англија, започнува со нешто што нема врска со фудбал, туку со вера, крикет и малку шеќер…
10. Фулам – Од црквените игралишта до легендата на „Крејвен Котиџ”
Фулам е еден од најстарите фудбалски клубови во Лондон, со корени што се враќаат до 1879 година, кога момчињата од неделното училиште на црквата Свети Андреј основале клуб за фудбал и крикет. Во тоа време спортот имал улога многу повеќе од забава…
11. Лидс Јунајтед – фениксот на англискиот фудбал
Во градот Лидс, крајот на 19-от век бил обележан со љубовта кон рагбито, а не фудбалот. Иако спортот со топка веќе цветал во соседниот Шефилд, обидите да се создаде фудбалска база во Лидс наидувале на слаб интерес. Првата позначајна искра се појавила во 1877 година, кога членови на локалната Фудбалска асоцијација од Шефилд одиграле ревијален меч на теренот на Холбек Рагби Клуб, но без траен ефект…
12. Ливерпул – пасија и идентитет родени од финансиски проблеми
Ливерпул, клубот кој со генерации го обликува англискиот фудбал и чие име денес е симбол на страст, историја и успех, настанал од една кавга за кирија. Парадоксално, најтрофејниот и најромантизираниот клуб во Англија не бил роден од спортска визија или голема амбиција, туку од обично финансиско несогласување…

13. Манчестер Сити – синото срце на Манчестер
Историјата на Манчестер Сити е како самата приказна на градот – изникната од прашливи работнички улици, оформена од пожари, потонати надежи и постојано раѓање одново. Она што денес е глобален фудбалски гигант, започнало во 1880 година како мала црковна иницијатива и тим создаден од парохијата Свети Марко во Вест Гортон, предградието на Манчестер…
14. Манчестер Јунајтед – од изгубено куче до фудбалски гигант
Сè започнало во 1878 година, кога работниците од железничката компанија „Lancashire and Yorkshire Railway“ во населбата Њутон Хит одлучиле да формираат фудбалски клуб. Тимот го носел името Њутон Хит и играл на отворено земјиште во близина на Норт Роуд. Носеле жолто-зелени дресови – боите на нивниот работодавач и биле познати како „Железничарите“…
15. Њукасл Јунајтед – двете страни на градот кои се обединија во едно
Ако некогаш имало клуб во англискиот фудбал чијшто назив „Јунајтед“ навистина го носи буквалното значење, тоа е Њукасл Јунајтед. Ниту романтизирање, ниту маркетинг: токму таму, во срцето на Викториски Тајнсајд, двата фудбалски света на градот се споија во едно. Она што денес е еден од најстраствените и најпосетените клубови во Англија, започнал како два жестоки ривали – Исток и Запад…

16. Нотингем Форест – „Фудбал со стил“, ветувања и вечната потрага по титула
Кога денес ќе го чуеш името Нотингем Форест, мислиш на европски шампиони, на легендарни црвени дресови и на трофејни приказни што изгледаат речиси филмски. Но вистината е дека во 19-от век, овој клуб воопшто не започнал како фудбалска приказна, туку како дружење на играчи на „bandy“ и „shinty“, претходниците на хокејот…
17. Сандерленд – од школски клуб до Премиер лигата
Во втората половина на 19 век, северот на Англија бил под силно влијание од шкотските работници и учители кои го носеле фудбалот со себе. Така е и со приказната за Сандерленд, која почнува во 1877 година, кога млад учител од Аир, Џејмс Алан, пристигнува во Хендон Борд Скул…
18. Тотенхем – приказната за еден Шекспиров лик
Некои клубови се раѓаат од индустрија, некои од работнички квартови, а некои, како Тотенхем Хотспур, од малку магија, малку историја и малку Шекспир. Име како „Хотспур“ не среќаваш секој ден во фудбалот, а уште помалку име инспирирано од лик што се појавува во една од најпознатите англиски драми…

19. Вест Хем – клубот роден во бродоградилиште
Фудбалот често знае да стане мост меѓу светови што инаку никогаш не би се допреле. Токму така започнува и приказната за Вест Хем Јунајтед, приказна родена во срцето на индустријата, меѓу работници, машини и железо.
Во летото 1895 година, Арнолд Хилс, наследник на големото бродоградилиште „Thames Iron Works and Shipbuilding Company“, барал начин да се зближи со своите работници…
20. Вулверхемптон – од училиштен двор до фудбалска институција
Приказната на Волверхемптон Вондерерс започнува во 1877 година, кога учениците Џон Бејнтон и Џон Броуди од училиштето „Сент Лукс“ во Блејкенхал формираат тим именуван по училиштето и црквата. Со помош од локалниот бизнисмен Алфред Хикман, тимот наскоро се спојува со локалниот крикет клуб „Вондерерс“, па така се раѓа името кое ќе стане легенда…
Следете нè: Facebook | Instagram | X



